Трипуновски: Нема никаква опасност по ИПАРД средствата, ниту пак за националните плаќања кои ги има државата

Случајот со земањето мито од страна на директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој е јасен показател дека законите важат подеднакво за сите сегашни и поранешни функционери и затоа апелирам овој случај да се истражи до крај, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Во однос на обвинувањата од опозициската СДСМ дека поради овој случај, во ризик се доведени средствата од Европската унија за ИПАРД-3 програмата, Трипуновски вели оти такво нешто не постои, односно нема закана ниту за ИПАРД средствата, ниту пак по националните плаќања што ги има Македонија како држава.

„Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаков активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај до крај затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина“, рече тој.

Во однос на барањата за негова оставка од функцијата, рече дека тој не гледа никаква поврзаност оти Агенцијата е посебна институција, со посебен менаџмент, управувачко тело и токму затоа упати апел случајот да се истражи во целост и доколку има одговорност да се делува согласно законот.

Претходно денеска, пратеникот и поранешен министер за земјоделие од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски рече оти коруптивните шеми и злоупотреби во секторот земјоделство, а кои се поврзани со кадри од ВМРО-ДПМНЕ, сериозно ја доведуваат под прашање европската поддршка за реализција на ИПАРД-3 програмата во вредност од 128 милиони евра, а скандалот со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ја потврдува сликата за заробени институции и политички клиентелизам.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close