Кај закопани Наполеонови војници пронајдени бактерии на паратифус и повратна треска
Повлекувањето на Наполеон Бонапарта и француската Голема армија од Русија во 1812 година го означи почетокот на падот на неговата империја и личната доминација во Европа. Историјата раскажува дека од околу половина милион војници, приближно 300.000 биле убиени или починале од исцрпеност и болести.

Ново истражување проучува ДНК извлечена од забите на 13 француски војници закопани во гробница во Вилнус – главниот град на Литванија. Испитувањата даваат увид и подлабоко разбирање на страдањата што ги претрпела војската на Наполеон, велат истражувачите. Имено, откриено е присуство на два патогени што претходно не биле документирани околу настанот. Наоѓалиштето кај Вилнус, откриено 2001 година, содржи остатоци од 2.000 – 3.000 војници, според францускиот стручњак по молекуларна биологија и генетичар Никола Раскован, раководител на Одделот за микробна палеогеномика во Институтот Пастер во Париз и главен автор на истражувањата. Научниот труд е објавен во списанието „Карент бајолоџи“ (Current Biology).
– Вилнус бил клучна точка на рутата за повлекување во 1812 година. Многу војници овде биле исцрпени, гладни и болни. Голем број од нив починале и брзо беа закопани во масовни гробници“, изјави Раскован.
Научниците тука пронашле бактерии коишто предизвикуваат паратифус и повратна треска, што, заедно со претходните истражувања, покажува дека меѓу војниците кои веќе биле исцрпени од студ, глад и замор, кружеле повеќе заразни болести.
– Иако студот, гладот и тифусот долго се нагласуваат како главни причини за смртта на војниците, резултатите покажуваат дека и паратифусот и повратната треска што ги пренесуваат крлежите, исто така, биле присутни и можеби придонеле за исцрпеноста и смртноста, додаде биологот.
Паратифусот обично се пренесува преку нечиста храна или вода, а симптомите вклучуваат треска, главоболка, болки во стомакот, пролив или запек, слабост, а понекогаш и осип. Откриениот облик на на повратна треска се пренесува преку телесни вошки и предизвикува повторувачки епизоди на висока температура, главоболка, болки во мускулите и исцрпеност.
– Старата ДНК ни овозможува да откриеме инфекции што не можат точно да се идентификуваат само врз основа на симптомите. Соочувањето на патогени со различни патишта на пренос покажува колку биле тешки санитарните услови. Идните истражувања на други поединци и поголеми места, ќе дадат дополнителна светлина на палатата на болестите од 1812 година, вели Раскован.
Новите наоди додаваат нијанси во приказната за страдањето на војниците на Наполеон, посочувајќи дека не станува збор за една или две болести, туку за широк спектар на заразни болести коишто истовремено ја уништувале војската. Иако истражувањата не го проценува целокупното влијание на новооткриените патогени или дали тие биле широко распространети низ целата армија, тие помагаат подобро да се разбере здравствената состојба, условите и сложеноста на повлекувањето.






