МВР апелира граѓаните да не отвораат лажни пораки во име на директорот на БЈБ

Министерството за внатрешни работи (МВР) апелира граѓаните да не отвораат и да не враќаат на пораки кои се испраќани во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, бидејќи се лажни.

Од МВР посочуваат дека до неколку граѓани се пристигнати лажни пораки за наводна тековна истрага против нив, а дека испраќачите лажно се претставуваат во име на директорот на БЈБ. Во лажните пораки се наведува дека примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како детска порнографија, педофилија и трговија со дрога и се упатува за 24 часа да оди во полициска станица или да испрати повратен мејл.

„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку е-маил адреси“се наведува во известувањето на МВР.

Оттаму дополнително апелираат граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на која било е-порака од непознат испраќач со цел заштита на компјутерските системи од малициозни софтвери

Back to top button
Close