В.Д. градоначалникот на Гостивар ќе се жали на Уставен суд за владините повереници

Вршителот на должноста градоначалник на Општина Гостивар и кандидатот кој доби најмногу гласови во првиот круг на локални избори, Ваљбон Лимани, смета дека назначувањето на „владин повереник“ за општината е неуставно. Владата одлучи општините во кои на локалните избори не беше исполнет цензусот, меѓу кои е и Гостивар, ќе назначи владини повереници додека траат законските процедури за повторување на гласањето
Лимани во одговор на новинарско прашање околу најавите за негова смена рече дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите кои пропаднаа заради слаба излезност.
– Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, Член 54 и потоа Член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник, вели Лимани и појаснува дека цврсто верува во правната држава и по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
-Ќе поднесеме инцијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор пак ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крај, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски, рече актуелниот вршител на должност градоначалник на општина Гостивар, вели Лимани.






