Разработуваме план за проширување на мрежата на централното греење, вели новоизбраниот градоначалник на Скопје
Ѓорѓиевски во вчерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител најави дека оваа недела ќе има состанок со директорот на „Топлификација“ и со стручни лица на која ќе се разговара на оваа тема, а рече дека имаат и надворешни експерти, кои треба да помогнат во процесот на проширување на мрежата од системот за централно греење

Освен со чистење на депониите и управувањето со отпадот новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, проблемот со загадувањето во главниот град град ќе го решава и со проширување на мрежата на централното греење.
Говорејќи за акцијата за чисење сметот во главниот град, што се одвиваше изминатите три дена, Ѓорѓиевски во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител, рече дека се во фаза на разраборување план што треба да ја зголеми мрежата на „Топлификација“ во Скопје.
Ѓорѓиевски не соопшти повеќе детали како тоа ќе биде реализирано, но најави средби со надлежни и стручни лица оваа недела на кои ќе се разговара за ова прашање, а рече оти очекува и поддршка од граѓаните за решавање на проблемот со загадувањето.
„(Решавањето) на тој проблем зависи од сите нас. Во фаза сме на разработување во наредниот период на сеопфатна мрежа којашто ќе ја зголеми мрежата на ‘Топлификација’ во главниот град. Тоа ќе влијае на она што како загадување доаѓа од домаќинствата и треба да сме темелни во таа работа“рече градоначалникот на Скопје.
Повикувајќи се на физибилити студии, Ѓорѓиевски рече дека сите тие покажуваат дека над 80 проценти од загадувањето во главниот град се должи на начинот на загревање на домаќинствата. Но, тоа, како што додаде, не значи дека треба да донесат решенија што ќе предизвикаат потешкотии на домаќинствата.
„Ние како власти треба да најдеме алтернатива како полесно да се изведе целиот процес, односно да влијаеме на заштита на животната средина“рече Ѓорѓиевски.
Во таа насока, тој најави дека оваа недела ќе има состанок со директорот на „Топлификација“ и со стручни лица на која ќе се разговара на оваа тема. Рече дека имаат и надворешни експерти, кои треба да помогнат во процесот на проширување на мрежата од системот за централно греење.
„Ние имаме делови од центарот на градот, од Кисела Вода, од Карпош коишто не се опфатени“рече Ѓорѓиевски.
Тоа, како што кажа градоначалникот ќе биде еден сегмент во решавањето на проблемот со загадувањето во главниот град.
Вториот ќе биде чистењето на дивите депонии, како и третманот и обработката на отпадот во Јавното претпријатие „Дрисла“, кое, како што кажа, е уште едно од жариштата, односно проблем со кој се соочува главниот град.
„Но, за тоа сè уште се консултуираме со експертите околу начинот на изведба“,кажа градоначалникот на Скопје






