ВМРО-ДПМНЕ: „Колку е поблиску до правдата, толку повеќе Данела Арсовска ќе е бучна и нервозна“
ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека, како што велат, колку поблиску е правдата, толку повеќе поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, ќе биде „бучна и нервозна“.

„И посакуваме да се надмине себе си и да ги победи своите стравови и болки. Борбата со таквите демони не е лесна, и и посакуваме среќа. Исто како и со соочувањето со правдата за хаосот што го остави зад себе, кој е неодминлив процес“, се наведува во соопштението на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека граѓаните виделе дека „подобро и поинакво Скопје може да функционира“ и дека сите надлежни институции треба да се посветат на решавање на, како што велат, „цунамито кое го остави Данела Арсовска“.
Оваа реакција на ВМРО-ДПМНЕ следува по нејзината објава на ФБ во која бара од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да ги објави сите фирми со долгови. Таа побара да се објави и списокот на сите 500 вработени, со име и презиме, и податок од кога не оделе на работа.
„Три години за корка леб сите што работеа ги избрка, за да направиш место за своите партиски војници“, му порача Арсовска, додавајќи дека наместо соопштенија и „ботови“, Ѓорѓиевски нека собере храброст за јавна дебата – на медиум по негов избор.






