Ужас во Штип: 74-годишен маж ја убил соседката со нож и го закопал телото во дворот

Полицијата во Штип расчисти тешко кривично дело кое го потресе градот — 74-годишен маж е осомничен дека со нож усмртил 79-годишна жена, а потоа го закопал нејзиното тело во дворот од својот дом.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, СВР Штип во координација со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност поднесе кривична пријава против Д.А. (74) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“ и „противправно лишување од слобода“.
Се сомничи дека во својот дом во Штип, без нејзина волја, ја држел Б.Н. (79) од истиот град, а потоа со остар предмет ѝ нанел убодни рани од кои починала. Телото на жената, според истрагата, осомничениот го закопал во дворот на куќата.
Случајот започнал на 24 октомври 2025 година, кога сестрата на жртвата, Д.О. (84), ја пријавила нејзината исчезнатост. По неколкудневна потрага и собрани сознанија, полицијата добила судска наредба и на 10 ноември извршила претрес во домот на осомничениот. При тоа биле пронајдени предмети и траги од крв, поради што тој бил приведен и задржан во притвор од 96 часа во затворот во Куманово.
По дополнително вештачење на доказите и нов распит, Д.А. детално го признал убиството и начинот на кој го извршил злосторството.
Телото на убиената жена било пронајдено и по наредба на јавен обвинител дадено на обдукција. Осомничениот е изведен пред судија на претходна постапка кој му одредил притвор во траење од 30 дена.
Овој случај предизвика шок и згрозеност кај јавноста, особено поради суровоста и начинот на кој било извршено убиството.
Извор: skopje1.mk






