Адеми: Реалниот победник на овие локални избори е ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ само им послужи во планот
Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми на денешната прес-конференција истакна дека реалниот победник на овие локални избори е ВМРО-ДПМНЕ.

-Денес врз основа на оваа детална анализа, сакаме да споделиме со јавноста еден јасен фактички поткован и непобитен заклучок – победата на локалните избори во општините со мнозинско албанско население и припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ. Сите податоци сведочат дека резултатот за градоначалници во Тетово, Струга, Дебар, Чаир, Сарај, Кичево, Брвеница и во низа други општини со мнозинско албанско население е производ на масовното гласање на ВМРО-ДПМНЕ за нивните кандидати и за кандидатите на ВРЕДИ. Затоа, на најкоректен и транспарентен начин му честитаме на ВМРО-ДПМНЕ за овој изборен резултат, бидејќи навистина тие се победници во овие општини. Ова не е политичка реторика. Ова е изборна математика и факт кој може да се верификува во секое избирачко место. Затоа, ние јасно и категорично повторуваме – реалниот победник на овие локални избори е ВМРО-ДПМНЕ, затоа што успеа да стави под контрола значителен број општини со мнозинско албанско население преку гласовите на нејзиниот електорат. Додека, ВРЕДИ и послужи за овој изборен маневар сериозно оштетувајќи ја демократијата и политичката организација на Албанците во земјата, рече Адеми.
Тој потенцира дека ВРЕДИ не успеала да го освои мнозинството од албанските гласови во ниту една од овие општини, ниту за градоначалници, ниту за општински совети. Единствената улога на ВРЕДИ во овие избори, според него, била да му послужи на планот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Во сите случаи каде што остварува само формална победа, таа беше постигната само благодарение на организираното гласање и директната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Додека, Националната алијанса за интеграција ја освои албанската народна поддршка со повеќе од 23 илјади гласови предност на ниво на држава, ВРЕДИ не ги освои мнозинството од албанските гласови во ниту една од овие општини. Тие се само корисници на планот на ВМРО-ДПМНЕ кој Албанците веќе го разбираат. Меѓутоа, Националната алијанса за интеграција иако не успеа да ја освои битката за некои градоначалнички позиции, ја освои довербата на мнозинството албански граѓани на ниво на државата, рече тој.
Адеми нагласи дека ова е морален и политички мандат кој ги обврзува како Демократска унија за интеграција на декемврискиот Конгрес кој се очекува да се одржува до 20 декември, да се реорганизираат, да ги обноват нивните структури според очекувањата на граѓаните и да ја зајакнат уште повеќе нивната врска со граѓанинот.
-Ние ја прифаќаме одговорноста за секој порака што ни ја испратија граѓаните. И токму затоа вистината ќе ја кажеме секогаш отворено – ВМРО-ДПМНЕ победи. И ова е реалноста која излезе од избирачките кутии. ДУИ ќе продолжи да работи со нова енергија, со транспарентност и со целосна посветеност кон интересите на граѓаните и кон европската иднина на земјата. Благодариме на сите што ни поверуваа, благодариме на секој активист, секој гласач и секој човек што остана достоинствен во овој процес. Ќе бидеме уште поблиску до вас, уште посилни и уште поодговорни во заштита на гласот и на еднаквоста на граѓаните во Република Северна Македонија, изјави потпретседателот на ДУИ, Адеми.






