(Видео) Притисок од политичари и бизнисмени да не се постапува на диви депонии

Во Македонија има недоволен број на инспектори за заштита на животната средина. Не секоја општина има вработен инспектор, а оние што ги има или се плашат да постапуваат или тоа не го прават поради познанства во малата средина во која живеат. Ана Петровска сведочи за притисоци врз неа.

Во целата држава се идентификувани над две илјади вакви ѓубришта, но нивниот број не е констатен и секојдневно се менува, информираат од Државниот инспекторат за животна средина. Дарко Блинков, генералниот инспектор за животна средина во оваа институција, вели дека „надлежноста за отстранување на овие ѓубришта е во рацете на општинските власти, а Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година одвојува средства од буџетот за нивно чистење, доколку општините достават барање – како некој вид помош од државно ниво“, пишува Нота.

Депонија Василево

Најбрзо видлива последица од дивите депонии е загадувањето на воздухот, а долгорочните последици се загадување на почвата и водата. Лицата кои работат на сузбивање на проблемот се соочуваат со притисоци. Екоактивистот Ѓорѓи Танушев од „Здрава котлина“ ни пренесе информација што до ова движење стасала од информатори во Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Ќе ви кажам еден пример што се има случено пред пет-шест години. Тоа е од наши свиркачи во Министерството за животна средина. Приказната беше дека еден службеник требало да потпише некаква увозна дозвола во тоа време, која се однесувала на опасен отпад да биде деклариран како неопасен, и со тоа да биде дозволен влез во Македонија. Службеникот одбил и го смениле за 24 часа. Доаѓа друг службеник на негово место, кој ја потпишува таа дозвола и потоа сѐ натаму се тера“, објаснува екоактивистот Танушев.

Ѓорѓи Танушев

Изворот не им објаснил за каков опасен отпад станувало збор. Дека вработените кои работат на спречување на нелегални активности со отпад се соочуваат со притисоци, ни потврди и поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина и екоактивистка, Ана Петровска. Таа смета дека разрешувањето од функцијата било резултат и на внатрепартиски игри, но и на притисок од криминалци и политичари.

„По заминувањето, препуштањето на кормилото на партијата ДОМ од страна на Лилјана Поповска, се создаде една нова динамика, кадешто луѓе со апетити, желба за моќ, манипулатори и така натаму – да, беа заинтересирани за мојата позиција или на некој начин им пречев. А од друга страна, ако прашате кој било поранешен, па и актуелен директор на Инспекторатот, секогаш има предупредувања, има насоки каде смееш, каде не смееш да одиш и така натаму. Јас, во секој случај, си ја вршев работата чесно и транспарентно и не секогаш се подвиткував на тие предупредувања. Дури неколку дена пред моето разрешување имав препорака да не појдам на една локација во Штип. И, да, не успеав да отидам на таа локација во Штип“, вели екоактивистката Петровска.

Ана Петровска

На прашањето дали тие препораки доаѓале од високи владини функционери или, пак, од криминални структури, таа одговара:

„Да, јас мислам дека тоа е измешана работа. Во позадина се секогаш бизнис интереси“.

Петровска беше директорка во времето на втората влада на СДСМ и ДУИ, предводена од Зоран Заев.

„Ние не успеавме да го отвориме ова прашање во Шуто Оризари, каде што во непосредна близина на Вардариште тогаш имаше складишта, во кои ниту еден инспекциски орган не се осмелуваше да влезе, па дури ни полицијата“, вели Петровска.

На прашањето зошто, таа одговара: „Да ви кажам, тоа беше една црна дупка. Кога ги прашував моите колеги зошто не се отвора тоа прашање, сите креваа со рамениците и велеа дека тоа е животнозагрозувачки. Тоа е информација од период 2020-2021 година. Дали е тоа и понатаму…“

Прашана дали причината била немање соодветна заштитна опрема за да влезат таму, Петровска вели:

„Не опрема… Едноставно се плашат дека ќе бидат нападнати. Има и такви состојби, има и такви ситуации, каде што здравјето и животот на инспекторите, па дури и на полицајците, е загрозен. Управувањето со отпад не е едноставна работа. Ние многу елегантно го нарекуваме управување со отпад“, но тоа е многу повеќе од тоа. Тука има и бизниси, и загадување, и нелегални активности со кои надлежните институции треба да се одлучат да постапуваат и да се справуваат. Кога веќе не може ни да се влезе, нема никаков доказ – но со самото тоа што се спречени органите да влезат значи дека таму постои нешто што не треба да биде откриено.“

СОКТА 2025 SOCTA 2025 Биро за јавна безбедност

Бирото за јавна безбедност нагласува дека „еколошкиот криминал е присутен во повеќе облици“ и забележува пораст на кривичнито дело загрозување на животната средина и природата со отпад. Во периодот од 2016 – 2019 биле регистрирани вкупно 15 такви случаи, а од 2020 до 2023 бројот на случаи со нелегални активности со отпад пораснал на 63.

„Криминалот со отпад бележи пораст, со детекција на низа неправилности и злоупотреби од правните субјекти кои се овластени за складирање, транспорт и работа со отпад. Нискиот животен стандард ги зголемува заканите во областа, при што еколошкиот криминал е цврсто испреплетен со леганиот бизнис, каде криминалната активност често се извршува со коруптивни методи, како и злоупотреби на овластувањата и надлежностите на јавниот сектор. (…) Еколошкиот криминал, во сите негови појавни форми, ќе биде актуелен и во идниот период, при што се очекуваат и нови предизвици“, оценува Бирото за јавна безбедност.

Во документот „Проценка на закани од сериозен и организиран криминал (SOCTA) 2025“, за борбата со организираниот и сериозен криминал во периодот 2026-2029, објавен од македонското Биро за јавна безбедност во јуни годинава, анализирани се информации од јануари 2020 до декември 2023 година, а содржани се и информации од 2024 година кои се однесуваат на новите закани и национални приоритети.

„Констатиран е недоволно развиен мониторинг-систем на животната средина, како и потреба за зајакнување на капацитетите и обезбедување механизми за мониторинг и спроведување на законите во областа. (…) Забележани се елементи на системска и висока корупција која продира во безбедносно-економскиот систем. Дел од криминалните структури успеваат да се инфилтрираат во државните институции, каде го зголемуваат своето влијание, вршат злоупотреба на овластувањата и ја попречуваат правдата и начелата за владеење на правото“,се наведува во документот од Бирото за јавна безбедност.

Во 2024 година во Државниот инспекторат за животна средина работеле вкупно 23 инспектори – 18 државни инспектори за животна средина, два водостопански инспектори и тројца државни инспектори за заштита на природата. Прашавме колку инспектори работат оваа година во Инспекторатот?

Пожар депонија Струмица лето 2025

„Во моментов работат 20 државни инспектори, од кои 15 за животна средина, тројца за заштита на природата и двајца се водостопански инспектори. На почетокот на 2026 година, во јануари-февруари, имаме две пензионирања, а во декември уште едно. Во моментов се вршат измени во Законот за инспекциски надзор во животната средина за да се овозможи припојување на општинските инспектори и формирање единствен инспекицкси систем за животна средина, со што ќе се зголеми ефикасноста на инспекциската служба“, објаснува генералниот инспектор за животна средина во Државниот инспекторат за животна средина, Дарко Блинков, кој додава дека во оваа институција има седум вработувања на инспектори на определено време, кои би требало во следната година да добијат договори на неопределено време, по што една година ќе работат под менторство.

За враќањето на инспекторатите во матичните министерства Блинков вели дека така се доведува во прашање независноста во постапувањето.

„И тогаш бевме орган во состав, но со правен субјективитет и буџет од прва линија. Враќањето во матичните министерства е нефункционално, со што е доведена во прашање независноста во постапувањето, како и интегритетот на инспекциската служба. Од декември 2024 ни се укина правниот статус и буџетот од прва линија. Инспекцискиот систем за животна средина треба да биде единствен само на централно ниво. Се работи на измени во Законот за инспекциски надзор за да се преземат општинските инспектори за животна средина. Интегритетот и независноста на инспекторатите е главен фактор за ефикасно спроведување на инспекциските надзори и инспекциските служби. Како коректор, тие треба да бидат независни од матичните министерства, со посебен буџет“, објаснува Блинков.

Василево депонија

Со измените на Законот за инспекциски надзор во јули, Инспекцискиот совет се укинува и се формира Координативно тело на директори на државните инспекторати. Министерството за јавна администрација го координира процесот. Вработените од Инспекцискиот совет се преземаат, а на членовите и на претседателот им се укинува мандатот.

„Имаа високи плати, никои не беа со инспекторско искуство и не ги оправдаа очекувањата за реформи во инспекцискиот систем“, нагласува Блинков.

Според Петровска, во околу триесет општини нема локални инспектори. Таму каде што ги има, многумина не постапуваат поради познанства.

„Во голема мера тие локални инспектори, бидејќи се поставени од градоначалниците, се воздржуваат од постапување. Тоа се мали места, сите се поврзани, никој не сака никого да казни. Тоа е сѐ уште една болка и за тоа зборувавме многу често – дека начинот на постапување на овластените инспектори треба да биде поинаков. Да не биде тоа службеник на општината, каде што постои политичко влијание, туку треба да биде некаков независен орган“, објаснува поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Изработката на овој текст, и на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“, е поддржана од Journalismfund Europe.

 

Back to top button
Close