Рокас: С. Македонија припаѓа на европското семејство и сме поблизу до таа цел отколку што мислиме

С. Македонија припаѓа на европското семејство и сме поблиску до таа цел отколку што мислиме. Сметам дека е потребно малку прагматизам и политичко обединување – изјави евроамбасадорот Михалис Рокас на конференцијата „30 години на европскиот пат: односите С. Македонија – ЕУ и патот напред“, во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

– Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања во текот на годините и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема сомневање дека Македонија припаѓа на европското семејство и, всушност, сме многу поблиску отколку што мислиме – рече Рокас.

Според него, она што недостига во овој момент е малку прагматизам, одлучност и желба да има обединување на политичкиот спектар, со цел, како што рече, да го направите последниот одлучувачки чекор напред.

– Но убаво е да се рефлектираме и на историјата бидејќи сметам дека граѓаните понекогаш забораваат дека Европската Унија е постојан, близок партнер и пријател, како и кредибилен и веродостоен партнер во сите аспекти – од моменти на кризи до Охридскиот договор, потоа пржинскиот договор, но исто така и фактот дека економски сме присутни – 75 отсто од извозот од Македонија оди во ЕУ. Исто така, и компнии од ЕУ доаѓаат во земјата и инвестираат, затоа две третини од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите членки на ЕУ – нагласи Рокас.

Тој потсети на отворањето на ЕУ програмите како Хоризонт и Еразмус плус, како и други, кои според него, помагаат на граѓаните и кои се враќаат назад во земјата да ги споделат знаењата стекнати во ЕУ.

Извор: fokus.mk 

Back to top button
Close