Отворање на 15. Биенале за млади уметници во МСУ – „Утрото започна вчера“

Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер ќе биде отворено 15. Биенале на млади уметници (БМУ), двегодишна меѓународна манифестација курирана од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки. Како што информира МСУ-Скопје, годинашното биенале се развива низ четири поглавја под заедничката тематска рамка „Утрото започна вчера“, инспирирана од циклусите на промените во современото општество и естетиката на новите генерации.

Главната изложба (Поглавје 1.1), која се отвора вечер во 19 часот во МСУ – Скопје, ќе биде придружена со перформанси на Сергеј Калеников, Јулија Кастелучи и Кристина Таневска. Таа ќе трае до 28 ноември, претставувајќи дела на уметници од Македонија и од регионот, како и од Европа. Изложбата го истражува создавањето и изразувањето на емоциите и интимноста во контекст на визуелната и социјалната естетика на денешниот живот, осветлувајќи како младинските културни кодови го редефинираат чувствувањето, поврзаноста и личното изразување.

Делата во ова поглавје, најчесто од жени авторки, допираат теми како патријархалните структури, отпорот кон „grind culture“, процесите на созревање и искуствата на заедниците маргинализирани од „другите“. И покрај употребата на класични техники, уметниците се спротивставуваат на традиционалните вредности и ја прифаќаат емоционалната нестабилност како дел од современоста.

Поглавје 1.2 ќе биде отворено на 28 ноември во Музејот на Македонија, со перформанси на Крсто Глигорјадис и Сергеј Калеников и со заеднички проект на Марија Трпеска и Стефан Анчевски. Оваа изложба ќе трае до 12 декември.

Паралелно, Поглавје 1.3 ќе се одвива во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, каде селекцијата е наменета исклучиво за учениците и нема да биде отворена за јавноста.

Последниот сегмент, Поглавје 1.4, опфаќа долгорочни проекти што ќе се развиваат на различни платформи и во јавни простори до ноември 2026 година, вклучувајќи јавни интервенции, архивски иницијативи и колективни уметнички процеси.

-Биеналето, чија прва манифестација датира од 1987 година, и оваа година обединува млада уметничка сцена што ја преиспитува реалноста „која веќе започнала – и тоа вчера“, создавајќи простор за нови перспективи и колективно преосмислување на сегашноста, наведуваат организаторите

Back to top button
Close