Цела ноќ гори зградата на „Вјесник“ во Загреб (видео)

Ситуацијата била исклучително опасна, а пожарникарите го гаснеа пожарот од долу што се шири по вертикалите на зградата. Додека гореше зградата, стакло паѓаше од облакодерот.
„Од граѓани е примена пријава за појава на густ црн чад и видливи пламени јазици што доаѓаат од зградата „Вјесник“ од неколку ката. Пожарникарите веднаш по пристигнувањето на местото на настанот почнаа да го гаснат пожарот. Пожарот се шири вертикално и зафаќа неколку ката и покривот, поради што се побарани дополнителни сили и опрема“, беше соопштено синоќа.
Загрепските пожарникари се борат со пожарот цела ноќ. Се проценува дека ќе биде потребен цел ден за да се изгасне. 93 пожарникари со 30 возила се борат со пожарот.

Според досегашните информации, во моментот на пожарот немало никој во зградата.
„Штетата е голема. Иако поголемиот дел од зградата беше напуштен, собите внатре се полни со опрема и документи. Пријавата ја добивме околу 23 часот. Интересно е што имаше само една пријава од граѓанин. Нормално, секогаш добиваме многу пријави за големи пожари.

Штом видовме отворен пламен, веднаш побаравме дополнителна интервенција. Опасно е бидејќи, кога екипите почнаа да се качуваат и да го гаснат пожарот, видовме дека пожарот почнал да се појавува на долните катови, дури и на приземјето, што значи дека се ширел низ вентилацијата“, рече Синиша Јембрих.
Сцените се ужасни, а градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, исто така, дојде во зградата на „Вјесник“ утрово.

„Постојано се разгорува на различни катови. Се гаси одвнатре и однадвор. Причината е непозната, постојат некои сомневања, но истрагата на лице место ќе го утврди тоа. За жал, штетата е целосна. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе треба да видат дали објектот е за рушење или ќе се обнови“, рече Томашевиќ.
Засега нема опасност од уривање, додаде тој. „Најважно е што нема жртви и безбедноста на пожарникарите е од најголема важност“, додаде тој. Томашевиќ додаде дека причината за пожарот сè уште не е позната: „Постојат некои сомневања, но ќе се спроведе истрага на лице место“.






