Отворено писмо до ЦО на ЛДП од Бојковски, еден од основачите на партијата

Го објавуваме отвореното писмо кое е упатено до членовите на Централниот одбор од Бобан Бојковски кој е еден од основачите на ЛДП, кој во минатото извршувал низа општествени и партиски функции како: советник во Советот на Општина Куманово, член на Извршниот одбор на ЛДП, претседател на општинската организација Куманово а до скоро и член на Централниот одбор од каде по налог на претседателката е отстранет од членство само затоа што бара во ЛДП да се врати демократијата, транспарентноста и отчетноста.

Писмо до ЦО на ЛДП

Почитувани,

Голема благодарност до делегати на Конгресот на ЛДП, кои ми укажаа доверба да сум член на овој Централен Одбор.

Сите ние членови на ЦО на ЛДП сме ЗАСЛУЖНИ за она што го ПОСТИГНА (направи) нашето раководство и претседателот на ЛДП за време на својот мандат:

Со својата работа Успеаја да ја вратат СЛОГАТА во партијата – сите ние станавме мало СЕМЕЈСТВО – како ФАМИЛИЈА посебно членовите на ИО.

Ги ОТВОРИЈА вратите на партијата за сите оние членови кои сакаа да испијат кафе во партиските простории и да се видат со најтесното раководство. (за волјата на вистината претседателката и покрај своите ГОЛЕМИ обврски на меѓународен план успеваше секојдневно да ПРИСУСТВУВА во партиските простории и секогаш НАСМЕАНА да разговара со секој, па нели СЕКОЈ Е ВАЖЕН), а не како во минатото.

ЗАСЛУГИТЕ за постигнатите резултати од Локални избори 2025 се ИСКЛУЧИВО на потесното раководство, а не на ОПШТИНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ КОИ САКААТ ДА ГИ ПРЕВЗЕМАТ ЗАСЛУГИТЕ ЗА ПОСТИГНАТОТО. (ова за мене е некоректно и лицемерно).

Сите гласачи ја препознаа ВАЖНОСТА на ЛИБСЕН за нашата иднина и сите активности на меѓународен план што ги промовираше нашиот претседател.

Нашите сограѓани успеаја да ги препознаат политиките на нашето партиско раководство и затоа ни ДАДОА МАСОВНА подршка.

Ние неуките членови на општинските организации не успеавме да ја препознаеме ТРУДОЉУБИВОСТА и секојдневната презентација на нашата претседателка.

Посебно ми се допадна кога први истапивме со ЈАСЕН СТАВ ЗА СМРТА НА СЛОНИЦАТА ВО ЗОО – СКОПЈЕ.

Е ова ги разнежи гласачите и затоа дадоа подршка на нашите политики.

Еден наш неформален но влијателен член на ИО и ЦО (за жал поради професионалниот ангажман не може и да е формален член на органите и телата на партијата но дава несебична помош при организирање на седници на ИО и ЦО, внимавајќи за редоследот на пријавување за дискусија), при посета на нашата Општинска организација ја НАРЕЧЕ – ГЕРИАТРИЈА.

Оваа добронамерна критика беше препознаена од централнот раководство па затоа на овие избори настапивме со МЛАДИ НО ИСКУСНИ членови за носители на листи.

Па нели последниве две и повеќе години организиравме разноразни семинари – од Либерален институт- токму за да се помовираат новите кадри а и членовите на Форумот на жени.

Успешна беше и тактиката на партиското раководство да до ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ не се знаеше дали одиме во коалиција или самостојно.

Нашето одење за коалицирање де кај едните де кај другите (ВМРО и СДСМ), а сокривање на нашата вистинска намера да правиме коалиција со ГРОМ, ИНТЕГРА, ПЦЕР, вроди со плод и истите наши коалициони партии не влегоа во коалиција со големите партии туку се одлучија за НАС како НАЈГОЛЕМА ОПОЗИЦИОНА ПАРТИЈА.

Мислам дека тука имаше место за уште еден коалиционен партнер ПОДЕМ со кој ќе се заокружеше УСПЕШНАТА приказна – Локални избори.

Исто така тактиката да на ВЛЕН му дадеме наш член на ИО беше повеќе од генијална.

Со тоа успеавме да добиеме уште еден плус мандат, а НАШИОТ член (СОВЕТНИК ОД ВЛЕН) ќе ги промовира нашите политики и проекти кај ВЛЕН.

Овој потег мислам дека не може да се осмисли на овие наши домашни работилници, туку е осмислена на МЕЃУНАРОДНИ – БЕЛОСВЕТСКИ работилници.

На нашиот СОВЕТНИК ОД ВЛЕН му посакувам успешна работа како СОВЕТНИК од ВЛЕН.

Во саботата по одржаната седница на ЦО, ми излезе слика на наши членови НАСМЕАНИ сликани со претседателката.

Ова ме потсети дека и понатаму остануваме ЕДНО МАЛО И СРЕЌНО СЕМЕЈСТВО и ме потсети на ПОПУЛАРНИТЕ ТВ СЕРИИ како што беа: ДИНАСТИЈА (каде не се знаеше кој во кој е вљубен), СИМПСОНОВИ (каде се предвидува иднината на настаните кои следат) и на Серијата ONLY FOOLS AND HORSES (или како што беше превод на нашински – МУЌКИ).

На партиското раководство му посакувам до крај да ги спроведе сите зацртани политики или на англиски TO THE END.

Бобан Бојковски

Back to top button
Close