Кос: Црна Гора е кoлку третина од Виена, можеме да ја примиме без големи реформи во ЕУ
Комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос, денеска на Форумот за проширување во Брисел изјави дека ЕУ може да ја прифати Црна Гора дури и без големи реформи во рамките на Унијата.

Според неа сепак „не може да има скратен пат“ во процесот на пристапување на која било земја-кандидат и дека таа „нема да затвора очи“ пред ништо.„Дали знаете колку е мала Црна Гора? Колку третина од Виена, колку Тулуз или Штутгарт… Секако дека можеме да ја интегрираме Црна Гора. Во 2004 година, 70 милиони жители влегоа во ЕУ и успеавме да ги интегрираме“, рече таа и нагласи дека Брисел мора да ги поддржи најнапредните.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, рече дека сега е вистинскиот момент за проширување на ЕУ, дека Црна Гора е многу среќна што работите се забрзуваат и дека Подгорица сака да го искористи тоа.
„Нема да се случи поради брзината со која напредуваме – да потфрлиме во квалитетот на реформите…Сакаме да ги затвориме сите поглавја во рекордно време, но тоа не би бил преседан – другите држави што сега се членки го сторија тоа“.






