Николовски до Трипуновски: Оставка е најмалку што можете да понудите за скандалот со ИПАРД-фондовите
Пратеникот на СДСМ и ексминистер за земјоделство на денешната седница за пратенички прашања на опозицијата, меѓу другото кажа дека неговиот наследник на функцијата до неодамна не го знаел значењето на кратенката ИПАРД, но оти верува дека сега добро го научил затоа што, како што кажа, негови „блиски соработници се фатени со рачињата во европскиот мед, во парите коишто се контролирани строго“

Апсењето на сега веќе поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, и временото запирање на исплатата на средства од програмата ИПАРД-3, беа една, односно прва од темите на денешната собраниска седница, на која на дневен ред беа пратенички прашања од опозицијата до Владата.
Темата на седницата ја отвори пратеникот од редовите на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Сепак, тој немаше можност лично да побара оставка од неговиот наследник на функцијата, Цветан Трипуновски, кој денеска не беше присутен на седницата во пленарната сала.
„Втор пат во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ имаме суспендирана ИПАРД-програма, суспендирани неповратни средства, во време кога државата нагло се задолжува. Наместо голема одговорност кон овој случај, министерот првин го криеше, сè додека не откривме што е она што е донесено како одлука. А го нема ниту на дебата овие денови ниту на денешната седница на парламентот од кој е избран, на која треба задолжително да прусуствува. Оставката на министерот е неминовно дека ќе се случи, а тоа го потврдува и ова бегање од одговорност“,рече Николовски.
Тој постави три прашања. Две беа адресирани до Министерството за земјоделство, а третото директно до Трипуновски, а се однесуваше на тоа дали ќе поднесе лична и политичка одговорност за случувањата во Платежната агенција и суспендирањето на исплата на пари од ИПАРД-програмата.
„Причината за суспензијата е корупцијата и барањето мито во Платежната агенција. Уапсени се лица од Платежната агенција, но и лица блиски до министерот, со кои има илјадници фотографии на Фејсбук. Оставката е најмалку што можете да понудите и таа не е заради нас, не заради политички поени, таа е заради блокираните 130 милиони евра, заради 3 000 бизниси во руралните средини, заради 10 000 работни места чија цел е оваа програма на Европската Унија“рече Николовски.
Првото прашање на Николовски беше зошто јавниот повик за мерката три од ИПАРД-програмата, објавен пред 18 месеци и пет дена, сè уште не е затворен, додека второто се однесуваше на суспензијата на исплатата на средства поради скандалот. Конкретно, зошто нема одговор на барањето на СДСМ до Собранието да бидат доставени сите податоци за случајот со Платежната агенција за да може законодавниот дом да помогне во што побрзо решавање на ситуацијата со суспендираните пари, кои, како што кажа Николовски, ги очекуваат голем број луѓе што инвестирале во мали модерни земјоделски бизниси и сега не можат да ги добијат парите.
Неговите прашања ги слушна заменик-министерот за земјоделство, Албрим Хоџа кој од собраниската говорница рече дека ќе одговори писмено. Сепак, тој даде коментар на дел од наводите на Николовски.
Тие ги спротивставија тврдењата за тоа колку луѓе се загрозени со суспензијата на средствата. Додека Николовски тврдеше, повикувајќи се на информациите од Министерството за финансии, дека станува збор за 180 договори, заменик-министерот ги повтори тврдењата на министерот Трипуновски дека се работи за 50 договори од вкупно 453 потпишани.
„Да разјасниме во врска со последниот скандал во Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во однос на Министерството за земјоделство од 453 потпишани договори поврзани со програмата ИПАРД 2021 -2027 само за 50 има заостанување со цел да се провери дали се поврзани со некое кривично дело, како што се зборува во медиумите. Почитуван пратеник, вие бевте министер во една влада којашто беше позната по секојдневните скандали. Овојпат е добро што имаме реакција од институциите. Ние сме во редовен контакт со нашите партнери од Европската Унија во врска со овој случај и добро е што тие ја поздравуваат брзата реакција на институциите. Владата има назначено нов директор во Агенцијата, станува збор за професионалец што има добро познавање на Министерството, поранешен државен секретар, претседател на комитетот за следење на програмата ИПАРД 2021 – 2027. Вие знаете дека станува збор за независна агенција којашто одговара директно пред Владата. Нема да навлегувам во детали во однос на истрагите коишто се вршат, тоа ќе го оставиме на институциите. Што се однесува до вашите прашања, со задоволство ќе ви одговориме писмено по завршувањето на седницата“рече Хоџа.
Враќајќи се на говорницата, пратеникот на СДСМ рече дека неговото прашање било конкретно и повторно изнесе обвинувања кон министерот, наведувајќи дека до неодамна не го знаел значењето на кратенката ИПАРД.
„Верувам дека добро го научил сега затоа што негови блиски соработници се фатени со рачињата во европскиот мед, во парите коишто се контролирани строго, па можеме само да замислиме што се случува со домашните средства и субвенции коишто не се исплаќаат“рече Николовски.
Не чувствувам одговорност за случајот со директорот на Платежната агенција и нема да поднесам оставка, вели Трипуновски
Тој се осврна на тврдењата на заменик-министерот дека со суспензијата на средствата се опфатени само 50 договори, посочувајќи притоа дека Министерството треба да биде загрижено и да станува збор за само еден договор.
Моето прашање беше конкретно, зошто во овој период кога ја носите одговорноста овие 18 месеци се потребни за реализација на еден повик, во кој има 107 апликации.
„И еден договор да е, една инвестиција, еден човек којшто инвестирал, земал кредит итн., и сега ги чека парите и нема да ги добие, треба да биде предмет на ваш интерес и предмет на расправа во Владата, а не се 50, затоа што се 180 договори што се потпишани, а не се платени. Тоа се бројките – 453 договори се склучени, а 180 не се исплатени. А, за новиот директор да не зборуваме, затоа што тоа е нов скандал – со многу пријави, со многу казни и лице за кое воопшто не знаеме дали знае англиски јазик за да може да ја претставува Македонија во Брисел“рече Николовски.
Заменик-министерот Хоџа одговарајќи на неговите наводи рече дека сака да го потсети Николовски оти Министерството покренало постапки за неговото работење додека бил на чело на ресорот во претходната влада, предводена од СДСМ, и дека тие се во Обвинителството, на што ексминистерот врати дека за тоа што го зборува може веднаш да појдат во Обвинителството.
„Почитуван заменик-министер веднаш да одиме во Обвинителство за тоа што го зборувате, но вашиот министер бега и од јавни соочувања, бега од соочувања и со граѓаните и со нивните претставници заради тоа што зборувате за програма која не сте ја прочитале. Програмата за рурален развој во предлог-буџетот за 2026 година ви е намалена од 1,2 милијарди денари на 650 милиони денари, ИПАРД-програмата ви е блокирана и суспендирана, катастрофа е во земјоделството заедно со откупните цени што ги имаме. Затоа министерот мора да поднесе оставка и оти нема кредибилитет да ја врши оваа функција во наредниот период. Со кој авторитет ќе зборува и дома пред земјоделците, но и пред Брисел од кого се кријат и не одат на состаноците, за да не го трпат срамот во којшто не воведоа. Воведовте само една мерка, само за големите фарми – наместо 300 000 евра, денес ќе земат еден милион евра субвенции, исто како и во претходното време на ВМРО-ДПМНЕ“,рече Николовски.
Николовски тврди дека Трипуновски доделил земјиште на ќерката на притворениот директор на Платежната агенција
За потсетување, Илија Стоилев, кој ја извршуваше функцијата директор на Платежната агенција, на 6 ноември беше уапсен и притворен под сомнение за земање мито, а потоа и разрешен од функцијата. Вчера, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски соопшти дека нов директор на Платежната агенција е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен советник во Министерството за земјоделство.
Одреден притвор на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и уште тројца осомничени
Стоилев во петокот беше разрешен и од функцијата претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.






