Пешев: На Македонија ѝ е потребен квалитет, а не фабрика за печатење дипломи


Светот во овој момент мора навистина длабински да се подготви за промените што следуваат, вели извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев.

Пешев вели дека во такво „цунами“ ќе треба да се направат исклучително големи промени во високото образование.

На конференцијата „Градење иднина – практични вештини за новата генерација“ организирана од Комората, Пешев истакна дека државата мора максимално да ги мобилизира сите свои сили за да има „квалитативен, повисок одговор“ на овие промени.

„Ќе останеме со дипломи и без работа. И тоа нека биде сигнал за сите нас дека е време за аларм. Колку и да боли, колку и да изгледа непопуларно, на Македонија ѝ треба квалитет, а не фабрика за печатење дипломи“,рече Пешев.

Тој нагласи дека ако во средното стручно образование, по дваесетина години реформи, се постигнало 70 отсто од учениците да се запишуваат во стручни училишта и оти сега е време истата работа да се случи и со универзитетите.

„Се надевам дека и Владата има разбирање за тој сегмент, заради тоа што се работи за реформа која досега сме ја немале“, додаде тој.

Пешев укажа на сѐ поголемото влијание на вештачката интелигенција, која ќе ги диктира професиите и профилите на работната сила. Тој повика на претпазливост при нејзиното користење.

„Вештачката интелигенција ја споредуваат со огнот. Тој може да биде извонреден слуга, но ако ние не знаеме да го користиме и контролираме, може да ни се случи да биде многу непријатен господар“,кажа Пешев.

Тој рече дека најголемиот дел од светските водечки мислители говорат дека светот заостанува во дефинирањето на позицијата на ВИ во образовните процеси, редефинирањето на работните места и сето она каде што тоа би се нашло.

Back to top button
Close