Германската порака до нашиот државен врв

Денко Малески

Единственото нешто што е полошо од тајна дипломатија е јавна дипломатија, велат Англичаните. Оттаму, дипломатските разговори меѓу претставници на две држави се затворени. Но, затоа постојат прес-конференциите како мост кон јавноста.

Таму, вообичаено, се манифестира блискоста во односите меѓу двете држави. Ситуацијата од прес конференцијата на Зеленски и Трамп, на која беше навредуван украинскиот претседател од страна на неговиот домаќин е запрепастувачки исклучок. Но, ете, дури и во случај на сериозни несогласувања па и отворени кавги, не се отстапува од дипломатскиот протокол да се одржи прес конференција, како долг кон јавноста. Зашто, прес конференцијата е вообичаениот дел од дипломатскиот протокол.

Вчера на Си Ен Ен следев уште една долга и интересна прес конференција од овалната соба во Белата куќа, овој пат, на претседателот Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман. Во директна комуникација со новинарите главните теми беа огромните саудиски инвестиции во Америка и продажбата на „Стелт“ бомбардери на Саудиска Арабија, но се слушнаа и незгодни прашања како она упатено до Бин Салман дали е тој убиецот на новинарот Кашоги.

Истиот ден кога вртеа камерите во Белата куќа пренесувајќи ја прес конференцијата од Вашингтон, во Скопје, при посетата на германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, владееше молк. По средбите со македонскиот министер за надворешни работи и со премиерот, немаше прес конференција. Гостинот од Германија, кој е на турнеја низ земјите на Западниот Балкан тивко замина.Што значи ова? Прес-конференцијата е визуелен сигнал со политичко значење, сигнал кој покажува дека двете држави соработуваат, дека односите им се добри и пријателски и дека постои совпаѓање на ставовите по важни прашања. И обратно. Кога нема прес конференција тоа е манифестација на несогласување со позициите на другата страна, отсутво на желба да се манифестира политичка блискост, но и желба да се одбегнат непријатни прашања од новинарите кои би можеле да ги зголемат политичките тензии меѓу двете држави. И пред се, одбегнување јавно да се изнесат политичките разлики, во случајот, помеѓу нашата држава и Германија. Околу што? Не е тешко да погодите.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close