Се поставуваат вреќи песок кај Меморијалниот центар АСНОМ кај Пелинце за заштита од поплава
Екипите на водостопанство „Кумановско-липковско поле“ и на јавните претпријатија од Старо Нагоричане и од Куманово сè на терен и ги расчистуваат наносите од дрвја, гранки, смет кај мостовите во оваа општина. Градоначалникот на општина Старо Нагоричане, Мирослав Славковски во изјава за МИА потврди дека екипи на јавното претпријатие од општината заедно со механизација на водостопанство од Куманово ги расчистуваат најкритичните локации.

-Најкритичните локации се покриени со екипи, со механизација на водостопанство „Кумановско-липковско поле“ се расчистуваат од наносите од дрвја, гранки кај мостовите. Засега нема пријави за штети, изјави Славковски.Екипите на кумановските претпријатија, ЈП „Чистота и зеленило“ и „Водовод“, интервенираат кај Меморијалниот центар АСНОМ и се поставуваат вреќи со песок, потврдија директорите на двете претпријатија, Ненад Стојановски и Оливер Стојмановски.
Претходно, Центарот за управување со кризи информираше дека на подрачјето кај село Пелинце, општина Старо Нагоричане во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и на локацијата кај бања Стрновац, реката Пчиња се излеа од своето речно корито за околу 20 сантиметри.
– Дополнително, кај „Коински мост“ е забележано насобирање на поголема количина дрвја, кое го отежнува нормалниот проток на реката Пчиња.
За состојбата е навремено известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности, соопшти ЦУК.
Управата за хидрометеоролошки работи, информираше дека водостојот на река Пчиња кај Пелинце, утрово е 120 сантиметри, вчера бил 18 што е значително повисоко со тенденција за пораст и три пати повисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметар.






