Филипче: Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, не се договара со луѓе што прашуваат колку чинат животите од Кочани

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање категорично ги демантираше шпекулациите за каков било таен договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во одговорот, тој потенцираше дека е апсолутно невозможно да постои договор со политичари кои поставуваат прашања „колку чинат животите на децата во Кочани” .

„Јасно демантирам – нема било каков скриен, таен, полутаен договор за било што со ВМРО-ДПМНЕ. Не може да се има договор што со луѓе кои што прашуваат колку чинат животите на децата во Кочани. Не може да има договор со луѓе кои што кажуваат дека сега не е време за реформи, било време на војни. Не може да има договор со луѓе кои што оставија 10.000 семејства во земјоделството без приходи заради корупција. Не може да се има договор со луѓе кои што ништо не прават во образованието, ги оставија наставниците без зголемени приходи, нема раст на платите. Не може да има договор со луѓе кои ништо не прават во здравството, освен што неколку луѓе мешетараат од клиники и договараат тендери и договорени спецификации”, рече Филипче.

Тој додаде дека не може да се има договор со луѓе кои што ја оставија државата на периферија на Европа, додека Албанија, Црна Гора ќе станат земји членки на Европска Унија. При тоа, Филипче порача дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се занимава со решавање на проблемите на државата и граѓаните, а не со СДСМ.

„Не знам зошто тие се занимаваат со СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ треба да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ, ама пред се со проблемите на граѓаните, кои што силно им тежат на грбот, а не се ни обидуваат да ги решат”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Back to top button
Close