Нов тест на крвта би можел да предвиди болести до 10 години однапред

Британски истражувачи развија тест за крв кој може да открие рани знаци на болеста повеќе од една деценија пред да се појават симптомите со помош на игла.

Тестот користи детални молекуларни профили на крвта за да го предвиди ризикот од болести како што се дијабетес, срцеви заболувања, рак и деменција, пишува „Гардијан“.

Студијата е дел од кохортниот проект на „Бритиш Биобанк“, кој анализирал речиси 250 различни протеини, шеќери, масти и други молекули во крвта на половина милион волонтери. Со комбинирање на тие податоци со медицински картони и регистри на смртни случаи, научниците можат да добијат попрецизна слика за физиологијата на една личност и да препознаат рани знаци на болест.

Доктор Џој Едвардс-Хикс од Универзитетот во Единбург истакнува дека овие тестови ќе овозможат превенција на болести пред да се појават симптомите.

– Ако имаме рани предиктори на болеста, можеме да го предупредиме лицето во четириесеттите години за потенцијалните ризици и да го советуваме за промени во животниот стил – рече тој.

Тестовите вклучуваат мерење на метаболити во крвта, како што се шеќери, аминокиселини, масти, хормонски прекурсори и метаболички отпадни продукти. Промените во овие профили можат да укажуваат на оштетување на органите – на пример, покачениот амонијак може да сигнализира проблем со црниот дроб, додека зголемената уреа и креатин може да укажуваат на оштетување на бубрезите.

Кохортата на UK Biobank, која започна со регрутирање волонтери во 2006 година, сега им овозможува на научниците да комбинираат медицински картони, снимање и метаболички профили за да идентификуваат рани знаци на болест, да го следат нејзиниот развој и да ја проценат ефикасноста на третманите.

Back to top button
Close