Одбраната во судницата во Идризово: „Несредените докази го загрозуваат фер-судењето за ‘Пулс’“
На денешното второ рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната остро реагираше на начинот на кој Обвинителството ги доставило доказите, оценувајќи дека материјалите се во хаотична состојба и дека таквата презентација ја нарушува можноста за квалитетна одбрана.

Адвокатката Сузана Јошевска посочи дека дел од електронските фајлови биле доставени во нефункционална форма – документи кои не можеле да се отвораат или користат без дополнителни интервенции. Според неа, Обвинителството не водело ниту елементарна грижа за систематизација: доказите не биле нумерирани, немале јасни ознаки, а содржината на фолдерите често не одговарала на нивното име.
Одбраната на обвинетиот Михаил Јованов дополнително ја прошири дискусијата, поднесувајќи предлог за сослушување уште девет сведоци. Адвокатката реагираше дека бројот на предложени сведоци драстично е скратен во пречистеното обвинение – од првичните 283 сведоци останале само 25. Таа оцени дека ваквото редуцирање го лимитира увидот во целокупниот настан и отвора сомнеж дали обвинението се темели на целосен доказен материјал или на селективно избрани искази.
Судијата ги нотираше сите приговори, а во понатамошниот тек на рочиштето се очекува обвинетите формално да се изјаснат за вината. Одбраната најавува дека ќе продолжи да бара средување на документацијата и проширување на доказниот процес, нагласувајќи дека само целосно расчистени материјали и комплетна листа сведоци може да гарантираат правично судење во еден од најтешките и најемотивни предмети во поновата македонска судска практика објави, Скопје1.мк






