Осомничениот за нападот врз припадниците на Националната гарда се радикализирал во САД
Американските власти веруваат дека авганистанскиот имигрант обвинет за нападот од заседа врз припадниците на Националната гарда во Вашингтон не бил радикализиран сè додека не дошол во САД, изјави денеска министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем.

Зборувајќи во емисијата „Meet the Press“ на Ен-Би-Си и „This Week“ на Еј-Би-и, Ноем рече дека властите веруваат дека наводниот вооружен напаѓач, Рахманула Лаканвал, веќе живеел во државата Вашингтон кога се радикализирал.
-Истражителите бараат повеќе информации од членовите на семејството и други извори, рече Ноем, пренесена од британските медиуми.
Властите го идентификуваа Лаканвал( 29) како осомничен за пукањето во среда, само неколку блока од Белата куќа, во кое еден припадник на Националната гарда загина, а друг беше сериозно ранет.
По пукањето, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп посочи на недостаток на проверка на Авганистанци и други странски државјани за време на мандатот на поранешниот претседател Џо Бајден, иако на Лаканвал му беше даден азил од администрацијата на актуелниот претседател.
Лаканвал влегол во САД во 2021 година како дел од масовната евакуација на администрацијата на Бајден на Авганистанци кои им помагале на американските сили за време на дведецениската војна во Авганистан, кога талибанците ја презедоа власта. Администрацијата на Трамп му додели азил во април, покажува владина датотека.
Коментарите на Наом сугерираат дека Лаканвал, кој бил дел од единица поддржана од ЦИА во Авганистан, можеби го прифатил екстремизмот по пристигнувањето во САД.
– Веруваме дека тој е радикализиран откако е тука во оваа земја – изјави Ноем за Ен-Би-Си Њуз.
„Веруваме дека тоа било преку врски во неговата матична заедница и држава, и ќе продолжиме да разговараме со оние кои комуницирале со него, кои биле членови на неговото семејство“, додаде таа.
Ноем рече дека американските претставници досега добиле „одредени информации“ од луѓе кои го познавале Лаканвал и предупредија дека САД ќе гонат секој што е поврзан со пукањето.
– Секој кој има информации за ова мора да знае дека ќе го бараме и ќе го изведеме пред лицето на правдата, рече Ноем.
Таа, исто така, изјави дека имиграциските службеници ќе ја разгледаат можноста за депортација на луѓето со активни барања за азил, доколку е потребно.
-Ќе го провериме секое лице кое има барање за азил во постапка, рече таа.






