Газдата на „Дурмо турс“ пак побарал да не оди во затвор, баш денеска е на операција
Газдата на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули осуден на 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци, кој денеска требаше да оди на издржување на затворската казна во затворот „Идризово“ пак побарал одложување на извршувањето на казната со образложение дека баш денеска е на операција, пренесе СП.

Од Кривичниот суд во Гостивар за „Слободен печат“ велат дека Белули во петокот поднел барање за одложување на извршувањето на казната со болнички упат.
– Наводно на 28 ноември почнал со болничко лекување и за денеска има закажано операција. Ќе одиме денеска во болницата да видиме дали се точни наводите во барањето, доказите, болничкиот упат, дека денеска е на операција – велат од гостиварскиот суд.
Правосилната пресуда за обвинетите за несреќата кај Ласкарци беше донесена уште во мај, но и Белули и шефот на возниот парк на компанијата Ремзи Мифтари бараа одложување на издржувањето на затворската казна бидејќи и двајцата правеле операција на кила на тестиси.
Во меѓувреме Мифтари избега, односно полицијата не може да го најде за да го спроведе во затворот „Идризово“. Додека Белули и Мифтари сè уште не се влезени во затвор, а беа првообвинети за трагедијата, останатите се веќе во „Идризово“.
Меѓу нив е возачот на автобусот Маноил Трифуновски осуден на 14 години затвор, Јане Бобаровски осуден на пет години затвор, како и вработените во техничкиот центар осудени на седум години затвор.
…






