ЕУ очекува „брза и транспарентна“ истрага за инцидентите на локалните избори во Србија

Европската Унија очекува „брза и транспарентна истрага“ на сите настани и инциденти што ги одбележаа локалните избори во Србија одржани вчера, наведоа од ЕУ за РСЕ.
Според изјави на независни набљудувачи и претставници на опозицијата, изборите во Неготин, Мионица и Сечањ беа обележани со бројни нерегуларности, закани и физички конфликти.
Владејачката Српска напредна странка (СНС) прогласи победа во сите три општини.
Во својот одговор до РСЕ, ЕУ вели дека внимателно ги следеле настаните од денот на изборите.
„Очекуваме брза и транспарентна истрага од страна на надлежните државни органи во врска со извештаите за инциденти и нерегуларности, вклучително и извештаи за насилство и заплашување на независни набљудувачи“, наведува ЕУ.
Тие додаваат дека правилното функционирање на демократските институции на Србија е во самото срце на процесот на пристапување на Србија кон ЕУ.
ЕУ потсетува дека изборниот процес во Србија бара понатамошни, конкретни подобрувања и реформи.
Независните набљудувачи и пратениците на одредени опозициски партии објавија дека во текот на денот на изборите биле изложени на закани и физички напади од страна на поддржувачи на властите, но полицијата не реагирала.
Поради таквата атмосфера, набљудувачката мисија на ЦРТА објави на денот на гласањето дека го прекина следењето на локалните избори во Мионица. Тие рекоа дека безбедноста на нивните набљудувачи е „сериозно загрозена“.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави доцна синоќа дека за време на локалните избори во Мионица, Неготин и Сечањ, биле регистрирани неколку случаи на нарушување на јавниот ред и мир, особено во Мионица, и дека повеќе лица биле приведени во текот на денот.
Во изјава за телевизијата Пинк Дачиќ, тој рече дека биле приведени „лица со палки, кои дошле од други градови“.
Претставници на владејачката СНС ја обвинуваат опозицијата за инцидентите.






