СЗО: Инјекциите за слабеење не се доволни за решение за глобалната криза со дебелина

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека инјекциите за слабеење, иако корисни, не можат сами да ја решат глобалната епидемија на дебелина.
– Да бидам јасен: медикаментите сами по себе нема да ја решат кризата со дебелината, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
СЗО ја одобри употребата на т.н. агонисти на GLP-1 рецепторот, но предупредува против претерано потпирање на нив. Насоките се однесуваат на активните состојки лираглутид, семаглутид и тирзепатид – кои се содржани во лековите Саксенда, Вегови и Мунџаро, што се користат за третман на дебелина.
Во водичот се наведува дека овие три активни состојки може да се користат за третман кај возрасни, но не и кај бремени жени. СЗО нагласува дека здравиот начин на живот мора да биде дел од секој третман.
– Клучно е што употребата на GLP-1 не ја заменува потребата од здрава исхрана и физичка активност, рече Тедрос.
Дебелината е една од најголемите здравствени предизвици во светот – повеќе од милијарда луѓе живеат со ова хронично заболување, кое води кон дополнителни состојби како дијабетес и рак. СЗО очекува бројката да се удвои до 2030 година.
Тедрос повика и на подобар пристап до овие лекови во сиромашни земји.
Активните состојки првично биле развиени за лекување дијабетес, а подоцна покажале значаен потенцијал за намалување на телесната тежина, бидејќи го намалуваат апетитот и го засилуваат чувството на ситост.
Сепак, многу прашања сè уште се отворени, вклучително и можни долгорочни ефекти, бидејќи лековите не се користат доволно долго за да се направи проценка, истакна СЗО.






