Дејан Јованов: Од срце и од душа сакам да изразам сочувство за сите починати лица

До ден денеска се чудам и сѐ уште не можам да поверувам што се случи таа вечер. Цели девет месеци сум затворен во четири ѕида и секојдневно ја преживувам таа трагична ноќ. Јас како човек и како родител, во клуб каде што се собираат сите млади и моите деца, никогаш не би дозволил да фали нешто, изјави сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, во воведните зборови на денешното рочиште во судницата во Идризово.

Фото: Фокус

Јованов, кој претходно изјави дека не се чувствува виновен, изрази сочувство, дополнувајќи дека ја познава болката и тагата на починатите и нивните блиски, бидејќи и тој, како што рече, има починат член од фамилијата.

-Во тој клуб имаат пораснато десетици генерации, сите кои ме познаваат добро знаат како се грижев за безбедноста на сите гости. Од срце и од душа сакам да изразам сочувство за сите починати лица, а на повредените опоравување, затоа што ја знам нивната болка и тага – и ние во нашата фамилија имаме починато и повреден член и ја носиме истата болка како и вие, дополни тој.

Јованов праша зошто е обвинет и неговиот син, Михајло Јованов.

-И уште едно не ми е јасно – зошто Михајло е обвинет, затоа што тој немаше никакви допирни точки со работата на клубот. Тој си имаше своја фирма за дистрибуција и си ги работеше неговите работни обврски. Благодарам на можноста да се искажам, рече Јованов.

Пред неговото излагање, збор зема и неговата бранителка, Ивана Коцевска, која истакна дека обвинетиот е неправедно товарен со институционални пропусти.

-Обвинетиот е обичен човек на кој му се става на товар институционален пропуст. Дејан е човек, а не монструм, ниту тој, ниту кој било човек на планетава би посакал да се случи тоа што се случи, но за жал, се случи и ни ја тресна од глава дисфункционалноста на целокупниот систем. Трагедијата е резултат на нефункционалниот систем, рече Коцевска.

Таа додаде дека одбраната ќе му ги разјасни на судот сите нејасни дејствија опишани во обвинителниот акт.

-Со ова не велам дека не постои одговорност – одговорност мора да има – но со предметниот обвинителен акт апсолутно не можеме да најдеме одговорност. Во ниту еден случај не смееме да дозволиме траорната последица однапред да огласува вина, дополни Коцевска.

Back to top button
Close