Можно пролонгирање на почетниот датум на казнување со „Сејф сити“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека иако целта е системот за евидентирање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Сејф Сити“ да стартува од 1 јануари 2026, поради, како што вели, суштински да се провери системот и јавноста подобро да се запознае со начинот на неговото работење, се размислува за едномесечно одложување на датумот за пуштање на „Сејф сити“, односно наместо на 1 јануари, казните да започнат на 1 февруари.

„Целта е во текот на оваа недела да се разгледаат сите неправилности да се сменат сите законски процеси, за кои има предлог-решенија. Чекавме реакција од системот и јавноста, за да можеме да влеземе со предлог-законските мерки во Собрание. Има опција почетокот да биде на 1 јануари или 1 февруари, но не сакаме да избрзаме со решението, затоа можеби и ќе продолжиме да тестираме уште месец дена за суштински да го провериме системот и за граѓаните да можат подобро да се запознаат“, вели Тошковски.

Министерот додаде дека планот е „Сејф сити“ да биде имплементиран на територија на целата држава и појасни дека уште не е конечна листата на прекршоци што ќе се санкционираат.

Засега, камерите на „Безбеден град“ се поставени на територија на Скопје, Тетово, Куманово, како и на коридорите 8 и 10, за каде има одредени технички проблеми и таму немало можност да се направи пробно пуштање на камерите, но во наредните неколку недели и тие камери ќе бидат подготвени за работење, велат од МВР за „Слободен печат“.

Денешните изјави на Тошковски дека системот може да биде оперативен и подоцна од 1 јануари, што е предвидениот датум на почнување, отворија дилеми околу подготвеноста на предлог-измените на законите кои треба да поминат во Собрание, бидејќи засега, сето ова што се говори и се тестира е само теорија.

Back to top button
Close