Трамп го помилува поранешниот претседател на Хондурас, Хернандез осуден за трговија со дрога

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, кој беше осуден за трговија со дрога во САД, потврди адвокатот на Хернандез, Ренато Стабиле.
Во име на претседателот Хернандез и неговото семејство, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Трамп за исправката на оваа неправда. Претседателот Хернандез е среќен што оваа мака заврши и со нетрпение очекува да се врати на својот живот по речиси четири години затвор, истакна Стабиле.
Сопругата на Ернандез, Ана Гарсија де Хернандез на социјалните мрежи објави дека нејзиниот сопруг е слободен човек благодарение на помилувањето на Трамп.
Трамп минатата недела ја објави својата намера „целосно да го помилува“ Хернандез, со што се брише пресудата.
Хернандез беше претседател на Хондурас од 2014 до 2022 година, а минатата година беше осуден на 45 години затвор и парична казна од осум милиони долари поради заговор со наркокартелите за префрлање на повеќе од 400 тони кокаин преку Хондурас во САД. За возврат Хернандез добил милиони долари мито што ги искористил за финансирање на својот политички подем.






