(Видео) РЕК Битола – енергетски гигант користен за испумпување пари

39-годишно работно искуство зад себе има Тони Апостоловски, кој поради реагирањата на случувањата во РЕК „Битола“ 17 пати добивал откази и толку пресуди во негова корист, по што бил враќан на работното место. Тој се сеќава дека комбинатот бил граден во времето на Југославија со средства од вработените, како Основна организација на здружен труд, пишува Нота.
„РЕК Битола е една голема пералница на пари, каде што не е важно домашното, односно РЕК-овското производство, туку се важни набавката, односно тендерите за ископ на јагленови и земјени маси, коишто ја стврдам дека, ако РЕК работи домаќински, може самиот да ги работи тие работи, затоа што до 90-та година самите ги работевме тие активности“, објаснува Ангеловски и додава: „На нас опремата ни застарува. Нова опрема не се набавува, не се изградува. Така што, лично мислам дека состојбата на РЕК Битола како комбинат во поглед на ископот на земјените активности, во поглед на блоковите, во коишто се произведува струја и пропратните објекти, сѐ е пред замирање, односно пред умирање“.
Апостоловски сведочи за партиски вработувања и заштитувања на работници, но и на свесно создавање дефицитарни кадри за надворешни фирми да профитираат од тоа.

„Јас сум, на пример, вработен во 1986 година. Не ме вработија мене од партија. Меѓутоа, последниве 15-20 години ги набљудувам скоро ските власти, коишто ротираат. Сите си вработуваат свои политички кадри. И, знаете како, кога ќе дојдат, кога ќе дојде нешто за работа, ќе ти речат: ‘Ах, не го чепкај овој“. Ако е ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе рече: “Не го чепкај, овој е од СДС“. Или обратно. Се изгуби професионалноста“, вели Апостоловски и додава: „Зошто нема геометри во РЕК Битола и тоа го знам. Затоа што работат приватни геодетски фирми, на коишто дебело се наплатуваат и нивните услуги и нивните лаги во поглед на ископот на количините на земјени маси. Замислете, на пример, некој добива тендер за ископ на 100.000 кубици и сега копаат со градежна оператива. Ќе ископаат 10.000 на пример кубици. Оди приватна геодетска фирма. Го снима местото кадешто е извршен ископот. Не е наша фирмата, туку приватна геодетска фирма, со којашто можам слободно да кажам дека може да се договорат. Дали со нашите власти, дали со тој што врши ископ. Колку да пишеме кубици? Ако му речат 100.000, 100.000 ќе му пишат“.
Отидовме во јагленокопот на РЕК „Битола“. За копањето на јагленот најпрво е потребно отстранување на слоевите земја. Потоа багерот пристапува кон копање на слоевите јаглен. Како работникот Апостоловски, така и други наши извори, но и Обвинителството за организиран криминал и корупција, сведочат дека криминали се правеле и со ангажирање на фирми за ископ.
„Градежната оператива ја плаќаме дебело. Дали ќе биде сега ‘Марковски’ или кој било друг – во зависност од властите тие си ротираат и си вршат ископ на јагленови маси, за што претпоставувам дека се дебело платени“, вели Апостоловски.

Неработењето на комбинатот во Новаци во минатото овозможувало правење бизниси со увоз на електрична енергија.
„Замислете, со неработењето на РЕК ‘Битола’ се прави вакум на струја, на недостаток на струја, којшто ние мораме да го увеземе. Некој повторно и со увозот на струја профитира. Така што, РЕК ‘Битола’, искрено да ви кажам, мислам дека на ниту една власт не му е во интерес да работи со полн капацитет, затоа што ви кажав дека прилично голем број на тендери ќе бидат отстранети, така што некои ќе немаат профит. Дебел профит“, вели Апостоловски и додава: „Значи, општ впечаток е дека состојбата во целиот комбинат, без раслика дали се работи за термоелектраните, без разлика дали се работи за рудникот Брод Гнеотино или Суводол, е хаотична. Доколку го прашате нашиот менаџерски тим ќе ви рече – одлично! Меѓутоа ние многу добро знаеме вработените во каква состојба е“.
Медиумите низ годините информираа за формирани фирми-снабдувачи по објавени тендери, за слабиот квалитет на увезениот јаглен и за штетите во РЕК „Битола“ поради тоа. Пред две години проблем направи увезениот јаглен од Албанија. Лице во РЕК „Битола“ нѐ информираше дека се работело за битуменски јаглен, кој всушност е мек јаглен што содржи битумен. Тој има голема калориска вредност и бил мешан со песок, кој под висока температура станал стакло. Измешаните материи направиле цврста материја, која морала рачно да се вади. Во РЕК „Битола“ дознавме дека работникот, којшто направил извештај за овој проблем, бил сменет од работното место.
„Постојат сведоштва и технички записи од нашите официјални технички лица и тоа е само кажување према мене. Смеса на јаглен со висока калоричност била употребена кај Блок 3 и довела до поголема запалливост. Таа смеса, наречена јаглен, продолжила да се топи низ котловскиот дел, каде што довела до испад на Блок 3 и таа смеса откако се изладила создала некои налепнини, коишто било тешко понатаму да се отстранат од Блокот“, објаснува директорот Тони Петрушевски и додава: „Целата документација и сите официјални извештаи од тој ден се предадени во институциите и нели институциите треба да откријат што точно сушност се случило при користењето на тој јаглен, висококалоричен“.

„Буквално ни се кристализира третиот блок од неквалитетен јаглен збогатен со неквалитетен мазут. Целиот котел се направи со обвивка. Мораше потоа рачно да ја кршат обвивката. Котелот е обвиткан со цевки. Низ цевките струи вода. И сега, во самиот котел, во внатрешноста на котелот, се вбризгува јагленова прашина, се вбризгува мазут. Тој согорува, прави јадро и го топи целиот котел, односно цевките. Е, сега, токму од неквалитетниот јаглен од Албанија, токму од неквалитетниот мазут, цевките како некој да ги измалтериса. Буквално се затвори, се затна целиот котел“, објаснува вработениот во РЕК Битола Тони Апостоловски.
Блокот во 2023 година бил неколку месеци надвор од мрежата. Увозите на јаглен во Македонија почнуваат во 2020 година.
Во РЕК „Битола“ покрај јаглен за производство на струја се користи и мазут. Причината е ниската калориска вредност на ископаниот или увезениот јаглен. Меѓу 2015 и 2025 година за потребите на термоелектраните во Македонија се набавени 746.086,5 тони мазут во вредност од 27.277.552.800 денари без платен ДДВ, или претворено во евра во вредност од 447.172.996,72 €. Немало такви набавки во 2019 и 2023 година.
„Имаме млинови, коишто го мелат јагленот. Потоа млиновите ја распрскуваат јагленовата прашина внатре во котелот. Меѓутоа, ако е таа со 1.200 – 1.300 калории, не може да постигне една голема топлиснка енергија. Затоа се вбризгува мазут преку дренери, преку соодветни дизни за да стигнеме до некои 2.000 калории со што се зголемува капацитетот на производството на електричната енергија, односно се зголемуваат мегаватите на излез на струја на секој блок поединечно“, објаснува вработениот во РЕК “Битола’, Тони Апостоловски и додава: „Ако е добар јагленот, ако е квалитетен, тогаш се користи помалку мазут. Ако е неквалитетен јагленот, тогаш се користи повеќе мазут“.

Во минатите десет години термоелектраните во Македонија биле снабдувани со мазут од четири фирми: „Макпетрол“, „Пертинакс ДООЕЛ – Скопје“, „Супертрејд Скопје“ и „РКМ ДООЕЛ Скопје“.
Во 2015 и 2016 термоелектраните Битола и Осломеј биле снабдувани со мазут од „Макпетрол“.
Четири години термоелектраните со мазут ги снабдувала фирмата „Пертинакс ДООЕЛ – Скопје“, од кои последниот договор е од февруари годинава. Пед четири години Реглаторната комисија за енергетика ѝ ја одзема лиценцата за трговија на големо со мазут, затоа што фирмата не доставила доказ дека поседува резервоари за тој нафтен дериват. Од 2023 година повторно има лиценца за трговија со мазут.
Најчест снабдувач, со седум договори, е фирмата „Супертрејд Скопје“. Нејзиниот сопственик Владимир Стајиќ во 2019 година објави дека бил жртва на рекетирање во контекст на аферата „Рекет“.
Четвртата фирма, од којашто во минатите десет години се купувал мазут, е „РКМ ДООЕЛ Скопје“ на Ратко Капушевски. Toj заедно со сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, и уште 11 други лица е осомничен за перење пари и злоупотреби во набавката на мазут. Од податоците што ги добивме за купениот мазут за ТЕЦ Неготино, но и за РЕК Битола и РЕК Осломеј, се гледа дека со договори и анекси на договори на фирмата на Капушевски ѝ биле исплатени 18.309.161.877 денари без ДДВ, или 300.150.194,7 €.
Криминали беа откриени и со набавките на адитивот за јагленот, односно хемиската супстанција којашто се додава за подобрување на ефикасноста на јагленот и за намалување на лепењето на пепелта. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во обвинението за случајот „Адитив“ наведува дека 31 физичко и пет правни лица се стекнале со имотна корист во вкупен износ од 397.636.400 денари.

Во текот на истражувањето дознавме дека во минатото во РЕК Битола се правеле и измами со количините на јаглен со внесување, изнесување и повторно внесување на исти камиони со јаглен, а злоупотреби се правеле и во лабораториите со лажно прикажување на поголема калориска вредност на јагленот. Разликата била во неколку милиони евра. Во РЕК „Битола“ постојат две лаборатории за анализи на процесите за производство на струја. Едната е за потребите на термоелектраната, а другата е за потребите на рудникот. Го прашавме директорот за лабораториите. Бидејќи поднел над 30 пријави за различни злоупотреби од претходното раководство, беше воздржан во одговорот.
„Воочивме некои недоследности при земањето на проби во договорите, односно при извршување на договорите и сето тоа што сметавме дека е недоследност го средивме. Сега сето тоа што е истоварено е предмет на анализа во лабораторијата. Просто кажано – јагленот исполнува или не исполнува, јагленот продолжува да иде за исплата или ќе биде нели надвор од наплатата. Имаме композиција од камиони. На 300 тони донесен јаглен се зема еден примерок. Тој примерок подлежи, да речам, на анализа, кадешто се утврдуваат карактеристиките на јагленот – дали исполнува или не исполнува. Ако исполнува, продолжува наплатата за тие 300 тони. Ако не исполнува, тие 300 тони се одбиваат и не се предмет на наплата“, објаснува Петрушевски.

Мострите се земале отприлка од секој 12-ти камион. Директорот тврди дека имале случаи на враќање на камионите и дека на квалитетот на јагленот можат да влијаат и временските услови.
Дополнително дознаваме дека од комбинатот се ваделе пари и така што услуги не биле извршени, а се праќале фактури. Имало и случаи на непочитување на договорените количини за испорака. Така договорот со фирмата „Марковски компани“ бил раскинат лани во ноември, откако фирмата неколку пати била предупредена дека продолжува да не ги испорачува договорените количини јаглен. Таа и го поткопала јагленокопот, доведувајќи ја околината во опасност.
„РЕК ‘Битола’ мораше да направи дополнителна набавка на јаглен од увоз и дополнително со неиспораката на договорените количини на јаловина го поткопа јагленокопот – состојба којашто моментално тешко ја надминуваме за да дојдеме до потребниот јаглен за поризводство на електрична енергија. На раскинувањето му претходеа повеќе укажувања и опомени од страна на договорниот орган – од страна на РЕК ‘Битола’, но и покрај тоа тој продолжи со несериозниот однос и ние пристапивме кон раскинување на договорот и активирање на банкарската гаранција“, објаснува директорот Петрушевски и додава: „Кога велиме дека е нарушена геомеханичката стабилност велиме дека геомеханичката стабилност влијае врз процесот понатаму за производство на јаглен од тој рудник. Значи, ги доведуваме во опасност и вработените и нели опремата, којашто се користи при ископ на јаглен и јаловина“.
„Марковски компани“ имала бројни договори со РЕК „Битола“ – за копање во рудниците Брод Гнеотино и Суводол, за помошна механизација и за ремонт во комбинатот. Името на фирмата се јавува во 49 договори за јавни набавки во РЕК „Битола“ за две години – од 2022-2024 година. 11 од нив се потоа раскинати. Марковски компани добивале тендери речиси до почнувањето на истрагата. Последниот тендер од околу еден милион евра фирмата го добила во октомври минатата година.

Во текот на ова истражување Обвинителството отвори случај против фирмата „Марковски компани“ за кривични дела поврзани со јавна набавка за демонтирање, пренос и монтажа на опрема од термоелектраната „Осломеј“ во рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ – нешто што воопшто не било потребно, при што биле злоупотребени повеќе од 1,7 милиони евра. Работејќи на темата дознавме дека услугата не била ни извршена, а средствата биле исплатени. Договорот бил со траење од 24 месеци, но на 12 месеци биле исплатени сите средства, вклучувајќи ја и банкарската гаранција, со што завршиле обврските. Договорот всушност сѐ уште треба да е активен.
Основното јавно обвинителство Битола побара од органите во Србија да замрзнат имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека се стекнати од кривичните дела.
„Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка. (…) Освен ова, од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава (…) се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела -градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Замрзнатиот имот во Македонија и Србија во иднина може да биде предмет на конфискација, поради сторените кривични дела, информира Обвинителството.
Во српскиот Регистар на трговски друштва ја најдовме фирмата на Марковски основана во 2009 година. Се работи за „Ханза изградња“, која на сајтот нуди од одржување и ремонт до рударски работи и ископ на јаловина. Сепак, во јавните набавки во Србија оваа фирма се појавува единствено за изградба на шумски патишта и главен налогодавач е јавното претпријатие „Србија шуме“.
Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција има три предистраги за македонските термоелектрани. Две од нив се за РЕК „Битола“. Едниот случај сѐ уште од 2020 година е во предистрага, а вториот од 2023 година. „Една предистрага е завршена без елементи на кривично дело што се води по службена должност“, нѐ информираа во ова Обвинителство. Во оваа институција се жалат дека им фалат пет обвинители, а и администрацијата масовно ја напуштала работата, па со недоволно персонал и средства се обидуваат да се справат со организираниот криминал.
Работниците во РЕК „Битола“ низ децениите гледаат богатење на надворешни фирми блиски до една или друга владеачка партија.

„За жал гледаме како се богатат. Не можеме ништо ние како вработени ништо да постигнеме. Кадрите ви кажав се политички. Тие си гледаат да им оди работата. Да си се вртат во фотељите. Можеби ќе имам и реперкусии за ова видео што го снимаме. Меѓутоа, јас сум поборник на вистината“, рече работникот Тони Апостоловски, давајќи интервју за истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.






