Ивица Коневски е инвеститор а објектот на кој се случи трагедијата, го граделa компанија Јакимовски ДООЕЛ
Трагедијата на градилиштето во Кисела Вода доби црн епилог. Според потврдените информации, во несреќата при затрупување со земја еден работник го загуби животот, додека двајца се здобиле со повреди и се пренесени во болница.

Истражувањето на „Телма“ открива дека инвеститор на станбениот објект каде се случи несреќата е поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски.
Се работи за Фирмата „Нар Инвестмент“ ДООЕЛ Скопје, во сопственост на Коневски, додека како управител се јавува Илија Коневски, додека пак градежните работи ги изведувала фирмата „Компанија Јакимовски“ ДООЕЛ, чиј сопственик и управител е Предраг Јакимовски.
Во куса изјава за „Телма“, Ивица Коневски потврди дека неговата фирма е инвеститор на објектот, но нагласи дека во моментот е премногу потресен за подетален коментар.
„Очекувам истрагата да покаже кои се причините за оваа страшна несреќа. Објектот ги поседува сите потребни дозволи за градба“, изјави Коневски, упатувајќи на одговорноста кај изведувачот „Компанија Јакимовски“.
Иако одговорноста за безбедноста при работа на терен директно паѓа на фирмата изведувач, сопственикот Предраг Јакимовски до овој момент останува недостапен за коментар и не одговара на повиците на новинарските екипи.
На местото на несреќата, во близина на паркот „Македонија“, се уште се присутни јавен обвинител и инспектори за труд кои вршат увид





