Радев: Владината оставка е неизбежна

Бугарскиот претседател Румен Радев во телевизиско обраќање оцени дека владејачката коалиција го изгубила својот легитимитет и не успеала да ги исполни очекувањата на јавноста. Тој порача дека Бугарија има потреба од „вистински промени“ кои ќе ја обноват државноста, нешто што, според него, сегашната влада не е способна да го спроведе.
Тој ги повика граѓаните да ја искористат „историската шанса“ за обновување на земјата, нагласувајќи дека Бугарија се соочува со опасно зголемени тензии и дека ѝ се потребни единство, мудрост и решителност.
Радев истакна дека протестите, кои во понеделник ги преплавија улиците, ги обединиле сите генерации, отфрлајќи ги тврдењата дека немирите се сведуваат само на незадоволство од буџетскиот нацрт.
Тој рече дека граѓаните протестираат против „корупцијата, беззаконието и одбивањето политичката класа да ги слушне граѓаните“. Остро ја осуди, како што ја опиша, „непринципиелната коалиција“ што го поделила општеството на оние на власт и на измамени и разочарани гласачи.
Радев за олигарстите рече дека го потцениле духот и отпорот на генерациите кои ја поминале бугарската политичка транзиција, како и на илјадниците млади кои, како што рече, силно се грижат за иднината на земјата.






