Македонија и Србија потпишаа петгодишен меморандум за соработка
Потпишувањето на документот, како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, е чекор во продлабочувањето на стратешката економска соработка меѓу двете земји и поставува рамка за поттикнување на трговијата, инвестициите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти

Меморандум за разбирање и соработка меѓу владите на Северна Македонија и Србија денеска во Скопје потпишаа вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и потпретседателката на српската влада и министерка за економија, Адријана Месаровиќ. Петгодишниот меморандум стапува во сила веднаш.
Потпретседателката на српската влада и министерка за економија, Адријана Месаровиќ и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ
Потпишувањето на документот, како што соопштија од кабинетот на Стоилковиќ, е чекор во продлабочувањето на стратешката економска соработка меѓу двете земји и поставува рамка за поттикнување на трговијата, инвестициите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти.
„Со меморандумот се опфаќа унапредувањето на комуникацијата меѓу институциите и приватниот сектор, размената на информации и добри практики, координацијата на економските политики, поддршката за деловните субјекти и создавањето услови за посилен заеднички настап на регионалните и трети пазари. Посебен акцент е ставен и на унапредувањето на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, вклучително и соработката на проекти од заеднички интерес како што е развојот и модернизацијата на железничката и патната инфраструктура“,информираат од кабинетот на Стоилковиќ.
Меморандумот беше потпишан во пресрет на денешниот македонско-српски бизнис-форум во Скопје кој се очекува да отвори нови партнерства и соработка меѓу двете земји.






