Владеачките партии во Израел го бојкотираа гласањето за мировниот план за Газа

Израелските владејачки партии отсуствуваа од денешното гласање во Парламентот за усвојување на мировниот план за Газа, поддржан од САД.
Израелските медиуми јавија дека речиси сите членови на владејачката коалиција го бојкотирале гласањето, како што и се очекуваше. Десничарските коалициски партнери на премиерот Бенјамин Нетанјаху се противат на планот.
Во пракса, предлогот поднесен од лидерот на опозицијата, Јаир Лапид, нема никакво значење, но предизвикува непријатност за Нетанјаху.
Шефот на Владата се согласи со планот за ставање крај на војната во Газа, а првата фаза од договорот веќе се спроведува.
Лапид во Парламентот изјави дека е „изненаден и разочаран“ што Нетанјаху не е присутен. Весникот „Хаарец“ го цитираше и опозицискиот арапски член на Кнесетот, Мансур Абас, кој рече: „Што ќе му каже Нетанјаху на претседателот кога ќе се сретне со него за две недели?“
Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави мировниот план во септември и, според најновите информации од неговиот кабинет, го поканил Нетанјаху во Белата куќа во блиска иднина.
Некои членови на коалицијата се вознемирени од една фраза во американскиот план која ги споменува предусловите „за веродостоен пат кон палестинско самоопределување и државност“.
Нетанјаху и неговата Влада отфрлаат формирање на палестинска држава со образложение дека тоа би го загрозило постоењето на Израел.






