Стоиљковиќ: Македонските фирми да влезат на пазарот со деривати во Србија

Македонските компании кои работата со нафтени деривати да ја искористат ситуацијата во Србија и да се обидат да освојат дел од пазарот, порача вицепремиерот Иван Стоиљковиќ по потпишувањето на меморандумот за економска соработка со колешката од Србија, Адријана Месаровиќ.
Во овој момент, во соседна Србија, која е петти економски партнер на Македонија со годишна стоковна размена од околу 1,2 милијарди долари, поради случувањата во Нафтената индустрија на Србија, која остана без сурова руска нафта, се отвора простор за македонските фирми.
„Се надевам дека македонските компании ќе најдат свој интерес и ќе се снајдат добро во моменталната состојба да пласираат и тие тоа што можат да пласираат на пазарот на Србија, бидејќи пазарот на Србија е отворен пазар поготово во овој момент кога станува збор за нафта и нафтените деривати.“, рече Стоиљковиќ.
Дополнително, нашите компании ќе станат поконкурентни откако ќе се пушти во употреба продуктоводот Солун – Скопје преку кој ќе се транспортираат нафтени деривати до рафинеријата ОКТА во Миладиновци. Стартот на работата на овој продуктовод се очекува до крајот на годинава. Стоиљковиќ истакна дека за ова разговарал со колешката Месаровиќ, но разговарале и за тоа зелениот картон за возилата да важи и за двете земји.
Што се однесува пак до големиот проблем со тесното грло за транспорт на луѓе и стоки преку граничниот премин Табановце, каде што има многу често чекање, најави дека ќе се реши и тој проблем.
„Она што е последен договор на ниво на Министерството за внатрешни работи, тоа е дека ќе и двете држави се согласуваат да пристапат кон проширување на граничните премини, со правење на условно кажано, поголем простор за премин и на патнички и на товарни возила. На тој начин да се олесни протокот и на стоки и на услуги, но и на протокот на граѓаните кои, посебно во летните месеци, поминуваат низ Македонија транзитно.“, изјави Стоиљковиќ.
Стоиљковиќ очекува трговската размена меѓу двете земји да порасне на 1,5 милијарди долари, но се надева и на пораст од две милијарди. Неговата српска колешка пак најави дека сакаат да ги поддржат малите и средни компании за настап на трети пазари, а ги повика македонските фирми да отвораат погони во Србија.
„Ние имаме еден посебен интерес да ги привлекуваме дополнително нашите пријатели од Северна Македонија како инвеститори, имајќи го во предвид дека на тој начин, извезувајќи од Србија ќе можат да ги користат договорите кои што ги има Србија на пример со Народна Република Кина, Египет, Емиратите и на тој начин, со своите квалитетни производи, произведувајќи ги во Србија преку 51% да дојдат до големите пазари која Србија ги има…“, изјави Адријана Месаровиќ.
Македонија во периодот јануари – септември 2025 имаше дефицит во трговската размена со Србија од 252 милиони долари.






