„Рибата смрди од главата, а овде се само дел од кариките“: Одбраната на Грозданов праша каде било обвинителството 13 години

Бранител на Ивица Грозданов, Звонко Давидовиќ:
Во мирнодопско време наши деца ги изгубија животите. Тажно е што во оваа постапка ние им судиме само на последиците, а не на причините кои доведоа до овој настан.
Денес јас во судницата не ги гледам креаторите на тој систем. Обвинетите тука се само мала карика на тој систем, кој не почнува туку завршува со нив. Рибата од главата смрди, никаде не слушнав дека и контролата и надзорот молчела, не гледа, а не слушала. Реакции по службена должност немало, но се прашувам каде било ОЈО Кочани сите овие 13 години, кое имало обврска превентивно да делува?
Мојот клиент не бил, ниту можел да биде дел од тој систем.
Обвинетите се теретат за кривично дело тешки дела против општата сигурност затоа што заеднички не постапиле според прописите и техничките правила за мерките и заштитата, односно предизвикале пожар во дискотеката Пулс, со што настапила смрт на 63 лица.
На Грозданов му става на товар дека без лиценца за обезбедување бил ангажиран од Рубикон, дека заедно со останатите од обезбедување не ги спровеле мерките на заштита, не извршиле проверка на идентитетот на лица, овозможиле влез на деца во објектот… Ваква произволна конструкција и правна нелогичност за ваков предмет навистина не е сериозна. Ивица Грозданов, заедно со другите обвинети, сите во различна службена положба се обвинети по еден ист член. Грозданов не предизвикал ниту пожар, ниту поплава, ниту имал обврска да проверува тоа што го терети обвинението, објасни одбраната.
-Обвинителот ги навел наводните пропусти на Грозданов, пред се основното тврдење дека Грозданов бил дел од обезбедувањето не го докажува со ништо. Ивица не можел да биде обезбедување, тој е вработен во Ривер софт, истиот нема легитимација, сертификат, ниту бил облечен во облека за обезбедување.
ОЈО наведува дека не е изготвен план за обезбедување, кој е должен да го изготви одговорното лице во правното лице, ова не може да се однесува на Ивица Грозданов, ниту на останатите три лица од обезбедувањето.
Во однос на утврдување на идентитети на лица, преглед на лица, предмети и возила при влез во имотот го регулира чл.53 каде е дадена можност, а не обврска за контрола на лица.
Од снимките ќе видите дека членовите на музичката група дошле многу порано од обезбедувањето, а и не е обрвска на обезбедувањето да го креира сценскиот настап.
По однос на малолетните лица, нема да коментирам затоа што малолетниците не се причина за пожарот, а надзор и контрола на малолетниците не е обврска на обезбедувањето.
Ние сме деградиран систем со нефункционални инсититуции, со корупција која зема данок во крв, односно човечки животи.
Ако и сега замижиме пред реалноста, ќе имаме извитоперена правда.






