Германија распореди авиони ловци во Полска, со цел да го засили источното крило на НАТО

Неколку германски авиони ловци „Јурофајтер тајфун“ (Eurofighter Typhoon) полетаа од авиобазата „Норвених“ во близина на Келн кон полската авиобаза „Малборк“, југоисточно од Гдањск, за да го засилат источното крило на НАТО.
Германските воздухопловни сили соопштија дека прераспоредувањето е одговор на неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор на НАТО во балтичкиот регион, вклучително и упади од дронови камикази.
Германија прераспоредувањето го најави во октомври, а авионите ловци во полската авиобаза ќе останат до март.
Со оваа мисија, нашите војници даваат уште еден вреден придонес во заштитата на источното крило на НАТО. Од август, нашето крило за брза реакција е исто така базирано во Романија, изјави командантот на германските воздухопловни сили, генерал-потполковник Холгер Нојман.
Во базата „Малборк“ во август и во септември беа распоредени други германски авиони. Контингентот е придружуван од околу 150 лица, вклучувајќи пилоти, техничари, обезбедувачи и воена полиција.






