Ешерихија коли во прехрамбен намаз – АХВ ја казни „Ванила фуд“ по труењето на 40 деца во „Димо Хаџи Димов“

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече парични санкции за операторот со храна „Ванила фуд“, откако вонредните контроли во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“ и во уште осум основни училишта открија повеќе сериозни неправилности, меѓу кои и присуство на ешерихија коли во намаз што се користел во исхраната на учениците.
По земените мостри од храна и брисеви од работни површини, АХВ констатира дека примерокот од мусаката послужена во училиштето не ги исполнувал микробиолошките критериуми и содржел бактерии од групата ентеробактерии. На една од мострите намаз бил детектиран и ешерихија коли, поради што веднаш е наредено намазот да се отстрани од употреба. Од тестираните брисеви два биле позитивни, но без присуство на патогени бактерии.
За утврдените пропусти, „Ванила фуд“ е казнета со две парични казни – 600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице. Дополнително, поради непоседување сертификат за хигиенски курс и недостаток на технички услови (вклучително и недостаток на топла вода во две училишни кујни), изречена е уште една казна во висина од 650 евра.
АХВ соопшти дека кујната во „Димо Хаџи Димов“ останува затворена додека не пристигнат новите лабораториски резултати по нареденото генерално чистење и дезинфекција. Земени се нови брисеви од опремата и работните површини, а вработените се испратени на вонредни санитарни прегледи.
Контролите се интензивирани откако на 26 ноември најмалку 40 ученици од одделенска настава се пожалија на болки во стомакот и други симптоми по консумирање на храна во училиштето. Првичните анализи покажаа грам-негативни бактерии во мусаката, а фекални бактерии биле пронајдени и на три чешми во училиштето.
АХВ официјално ги доби резултатите од сите вонредни инспекциски контроли во деветте училишта во Општина Карпош каде оператор е „Ванила фуд“, и најави дека ќе продолжи со засилен надзор сè додека не се обезбеди целосна безбедност на храната што им се сервира на учениците.






