Украинското Биро за борба против корупција разоткри криминална група предводена од опозициска пратеничка
Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ), Специјализираното обвинителство за борба против корупција и Службата за безбедност на Украина разоткрија криминална група предводена од пратеник на оваа земја, објави денеска НАБУ.

Иако Бирото изјави дека подоцна ќе ги објави деталите за случајот, „Украинска правда“ објави дека станува збор за пратеничката Ана Скороход од партијата „За иднината“.
Во меѓувреме, Скороход напиша на социјалните мрежи дека се спроведуваат истраги во нејзиниот стан.
„Немам што да кријам, моите активности не се тајни. Сепак, времето и контекстот на овие настани водат до недвосмислени заклучоци. Ова го гледам како директен притисок врз опозицијата и обид за блокирање на моите политички активности поради принципиелна позиција“, рече Скороход.
Минатиот петок, украинските антикорупциски власти ја претресоа куќата на Андриј Јермак, шеф на кабинет на украинскиот претседател Володимир Зеленски, по што Јермак поднесе оставка.
Директорката на Одделот за комуникации на Меѓународниот монетарен фонд, Јулија Козак, вчера изјави дека решителната борба против корупцијата е еден од главните елементи на реформите во Украина, што ќе создаде услови за зачувување на државните ресурси, подобрување на деловната клима и привлекување поголеми инвестиции.






