По критиките од Мицкоски, Ахмети со порака: „Горди и непоколебливи, ќе бидеме на плоштад“

Поддржувачи на поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово најавија масовен протест во Скопје на 13 декември, на плоштадот „Скендербег“. Настанот, кој следи по протестите во Хаг, Приштина, Тирана и Стразбур, го организираат ветерани и здруженија што бараат „правда за обвинетите во Хаг“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, јавно ги повика граѓаните да се приклучат на протестот, наведувајќи дека, како што рече, „гласот за правдата мора да се слушне и во Скопје“. Во неговата објава Ахмети ја истакна поддршката за ОВК и порача дека „слободата не се обвинува, туку се брани“, алудирајќи на судскиот процес против косовските лидери.

Според него, поддршката што доаѓала од Приштина и Тирана ќе продолжи и во Скопје, а протестот го нарече „дел од борбата за вистината“.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно го повика Ахмети да се откаже од протестот, оцени дека ваквиот чекор ќе го изолира лидерот на ДУИ на политичката сцена. Тој тврдеше дека протестот е мотивиран од внатрепартиски пресметки пред конгресот на ДУИ и предупреди дека ваквите потези можат да создадат дополнителни тензии.

Мицкоски изјави дека, според информациите што ги добива, на протестот би можеле да се приклучат групи од Косово и Албанија, како и неколку помали радикални структури од земјата. Тој додаде дека не очекува поддршка за протестот од коалициската групација „Вреди“, ниту пак позитивен сигнал од меѓународната заедница.

Здружението на ветераните на ОНА, кое исто така најави учество, посочи дека протестот во Скопје ќе биде петтиот по ред собир за поддршка на обвинетите поранешни лидери на ОВК.

Настанот е закажан за 13 декември во 13 часот, со најавен марш кон плоштадот „Скендербег“.

Back to top button
Close