Германија воведува воена обврска на доброволна основа

Бундестагот денеска го одобри повторното воведување на делумна воена обврска за да го зголеми составот на своите вооружени сили како одговор на новите безбедносни предизвици.
– Слободите во демократијата не се бранат сами од себе. Ова мора да го преземат луѓе кои се подготвени да застанат зад овие слободи, а не оние кои седат зад оградата и чекаат некој друг да го стори тоа наместо нив, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус (Социјалдемократска партија на Германија, СПД) во дебатата пред гласањето.
Според новиот Закон, воената обврска е на доброволна основа. Во случај да не се појават доволно доброволни регрути во одредени години, Бундестагот би можел да воведе така наречена воена обврска на краток рок.
Исто така, ќе воведе задолжително пополнување на прашалник за подготвеност за воена служба и воени способности, кој би го пополнувале членови на генерацијата кои наполниле 18 години. Пополнувањето на овој формулар е задолжително само за млади мажи.
Според договорот на ниво на НАТО, Германија се обврза на 260.000 активни војници во германската армија, Бундесверот. Моментално во редовите на Бундесверот служат 185.000 регрути.
Доброволната воена служба би траела шест месеци, а се очекува месечна плата од 2.600 евра.
Утрово, за време на дебатата во Бундестагот, низ цела Германија се одржаа протести против повторното воведување на воената служба. Протестите, на кои најмногу учествуваа средношколци, се одржаа под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.
Воената служба беше укината во Германија во 2011 година поради уставни пречки, бидејќи системот на воена обврска не можеше да обезбеди дека членовите на цела генерација ќе ја отслужат воен рок.





