Унгарија ја блокира опцијата за еврообврзници за финансирање на Украина


Унгарија денеска формално ја отфрли можноста Европската унија да издаде еврообврзници за поддршка на Украина, што ја лиши Унијата од потенцијален план Б доколку лидерите не се договорат за користење на замрзнатите руски државни средства за заем од 165 милијарди евра за Киев, јави Политико.

Европската комисија сака 27-те земји-членки на Самитот подоцна овој месец да одобрат финансиска поддршка за украинската економија преку заем обезбеден со руските резерви на централната банка, кои се замрзнати во ЕУ. Белгија најсилно се спротивставува на ова, бидејќи го држи најголемиот дел од тие средства и стравува дека би ја сносела целата штета доколку Москва покрене тужба.

Издавањето еврообврзници се разгледуваше како алтернативен начин за финансирање на Украина, но Будимпешта ја отфрли идејата за заедничко задолжување гарантирано од седумгодишниот буџет на ЕУ, изјавиле двајца дипломати за „Политико“.

Одбивањето дојде само неколку часа пред вечерата во Брисел меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и белгискиот премиер Барт де Вевер, на која требаше да се разговара токму за заемот.

Мерц изјави дека планира да ги увери белгиските власти во важноста на чекорот.

– Многу сериозно ги сфаќам грижите на премиерот Де Вевер, рече тој синоќа. – Не сакам да го убедувам, туку да го уверувам дека патот што го предлагаме е правилен, појасни германскиот канцелар.

Германија нуди гаранција за 25 отсто од средствата за да ја убеди Белгија да ги насочи замрзнатите средства кон Украина. Но Де Вевер бара поширока гаранција од сите земји на ЕУ, со која Белгија би била заштитена за целосниот износ – или повеќе.

Комисијата во средата ги предложи еврообврзниците како една од двете опции – заедно со заемот што би бил обезбеден со руските средства – за да се спречи исцрпување на украинските фондови уште во април.

Но задолжување преку буџетот на ЕУ бара едногласна поддршка, а ставот на Унгарија ги усложнува веќе напнатите преговори пред Самитот на 18 декември.

Според европски официјални лица, брз пробив не се очекува и поради силното опозиција на Де Вевер.

Комисијата постојано ги минимизира финансиските и правните ризици од предложениот „репарациски заем“, тврдејќи дека планот во голема мера ги адресира белгиските грижи.

Според предлогот, 115 милијарди евра би биле насочени кон украинската одбранбена индустрија во следните пет години, а 50 милијарди евра за покривање на буџетските потреби на Киев.

Потпретседателот на Совет за безбедност на Русија Дмитриј Медведев денеска изјави дека користењето на руските замрзнати средства од страна на Европската Унија ќе се смета за „casus belli“ (причина за војна).

Back to top button
Close