Зеленски го отстрани Јермак и од Советот за национална безбедност и од врховната команда

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши својот поранешен шеф на кабинетот, Андриј Јермак, од Советот за национална безбедност, во екот на обемната истрага за корупција што го потресе Киев, јави ДПА.
Јермак повеќе не е ниту член на врховната команда на украинските вооружени сили, покажуваат две претседателски уредби објавени вчера.
Јермак, долгогодишен сојузник на украинскиот претседател, поднесе оставка од функцијата шеф на кабинетот на Зеленски минатата недела, откако антикорупциските власти извршија претреси во неговите простории.
Сè уште не е јасно дали претресите се поврзани со аферата што се опишува како најголема корупциска афера во земјата од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, а која вклучува наводно мито во врска со енергетски набавки.
Јермак, исто така, беше главен преговарач од страна на Киев за прекин на војната. Оваа позиција сега ја зазема поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров.
Јермак беше на чело на претседателската администрација од февруари 2020 година и важеше за втора највлијателна личност во Украина. Набљудувачите го гледаат неговото принудно заминување како сериозен удар за Зеленски, кој загуби долгогодишен доверлив советник, пренесува ДПА.






