Најстариот син на Болсонаро најави кандидатура за претседател на Бразил

– Флавио Болсонаро, најстариот син на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, најави дека ќе се кандидира за претседател на земјата следната година, со цел да го отстрани од функцијата левичарскиот актуелен претседател Луиз Инасио Лула да Силва, јави ДПА.
„Со голема одговорност ја потврдувам одлуката на најголемиот политички и морален лидер на Бразил, Жаир Месиас Болсонаро, да ми ја довери мисијата да го продолжам нашиот национален проект“, напиша тој на платформата „Икс“ (поранешен Твитер).
Валдемар Кошта Нето, претседател на десничарската Либерална партија, ја потврди одлуката. – Кога Болсонаро ќе каже нешто, тоа се случува, истакна тој.
Иако делегатите на партијата официјално нема да го изберат својот кандидат до следната година, Жаир Болсонаро продолжува да има значително политичко влијание, иако нема официјална партиска улога и е во затвор.
Бразил ќе одржи претседателски избори во октомври. 80-годишниот претседател Лула планира повторно да се кандидира, и покрај неговата возраст. Тој ја водеше најголемата земја во Латинска Америка од 2003 до 2011 година и се врати на функцијата за трет мандат на почетокот на 2023 година.
Четириесет и четири-годишниот сенатор Флавио Болсонаро ја даде изјавата неколку дена откако го посети својот татко во седиштето на федералната полиција во Бразилија. Жаир Болсонаро отслужува затворска казна од над 27 години за обид за државен удар.






