Нема веќе, како Атлас, да го потпираме светот (Од новата Национална стратегија на Америка)

Денко Малески

Деновите кога Соединетите држави, како Атлас, го потпираа светскиот поредок се завршени“, пишува во новата национална стратегија на САД, потпишана од претседателот Доналд Трамп. „После Студената војна, американските надворешно-политички елити се убедија себеси дека перманентна американска доминација со целиот свет е во најдобар интерес на нашата држава. А, сепак, работите на други држави се наша грижа само кога нивните активности им се закануваат на интересите на нашата земја“. „Нашите елити погрешно ја проценија нашата спремност засекогаш да го носиме глобалниот товар кој, според американскиот народ, немаше врска со нашиот национален интерес“.„Тие дозволија сојузниците и партнерите да го пренесат финансискиот товар на нивната безбедност врз американскиот народ, а понекогаш и да не вовлечат во конфликти и контроверзи кои се централни на нивните интереси а периферни или ирелевентни на нашите“.

Така вели америкаснкиот претседател во новата стратегија: криви се неговите претходници, демократите. А, што вели науката за меѓународната политика за она што се случи после Студената војна? После колапсот на СССР се промени структурата на светскиот поредок и биполарниот свет му отстапи место на униполарниот, на свет со само една супер-сила. Во отсуство на ривалска голема сила ништо не и стоеша на патот на американската моќ да се обиде да го моделира светот според идеологијата за либералната држава. Тогаш, на почетокот од деведесеттите,се прогласи  „крај на историјата“ со дефинитивната победа на демократијата . Логично, како еден вид политички прилив и одлив, по повлекувањето на руската моќ во своите национални граници, Источна Европа се исполни со влијанието на Америка. Волјата постоеше од двете страни, дури повеќе од наша. Сите ние од регионот јурнавме под безбедносниот чадор на единствената голема сила барајќи членство во НАТО. Тогаш, ЕУ беше сеуште идеја на Американците кои, по втората светска војна, го условија давањето пари од Маршаловиот за обнова на рзрушената Западна Европа, со  некој вид интеграција меѓу Франција и Германија.

По Студената војна, пак, идејата дека со ширење на демократијата ќе стасаме до свет без војни зашто демократиите не војуваат меѓу себе, беше ставена на проба дури и во американските односи со Кина. Се прокламира политиката на соработка со Кина во намера таа да се трансформира не само економски туку и политички и да стане демократија. Постоеше општо убедување дека американската либерална хегемонија  ќе произведе мир во светот. Тие три децении, во отсутво на ривалска голема сила која би ја балансирала моќта на Америка, никој не мораше да мисли на теоријата на реализмот зашто, во отсуство на друга голема сила,  праксата ја демантираше теоријата.Но, не за долго.

Се до моментот додека не се сменија односите на силите во светската политика. А тие се сменија така што две големи сили се подготвуваа да си го побараат својот дел од светската моќ. Првата, секогаш сомничавата кон Западот, Кина, во чија политичка меморија е втиснато „столетието на понижувањето“(1850-1945), во кое европските колонијални сили правеа што сакаат на територијата на нивната земја.  Со тоа,а не либерална демократија, на ум, Кина, во изминативе триесет години, се трансформира во економски и технолошки колос. И не треба да си марксист за да знаеш дека економската „база“ е основата на вооружената „надградба“. Така и Кина стана моќна нуклеарна сила со огромна армија, вселенски летови, моќна морнарица и преку 1500 нуклеарни ракети. И втората голема сила, Русија, повторно секогаш сомничава кон намерите на Западот кој ја окупираше два пати во текот на деветнаесеттиот и дваесеттиот век од страна на Наполеон и на Хитлер, ги помина своите „три децении на понижување“. Но , под диктатурата на Путин се опорави економски и воено и успешно се спротистави на намерите НАТО да се прошири со Украина, прогласувајќи ја таа намера за „егзистенционална закана“ по сопствената безбедност.Со 6000  ракети, Русија е нукеларно највооружената земја во светот и, како што покажа во Украина, има економија и војска способна да води долгогодишна конвенционална војна.

Може Трамп да ги обвинува своите претходници. Клинтон, Обама и Бајден, колку што сака, но дистрибуцијата на моќтата, поточно сета моќ во еден центар, Америка, влијаеше врз поведението на овие политичари. Тие, имено, веруваа дека не само што и прават добро на Америка туку и на светот. Да се контролира се што може да се контролира е мотото на секоја политика, домашна или меѓународна. Како единствена голема сила по Студената војна, американските политичари помислија дека можат да го контролираат светот, но, како што покажува историјата на човештвото, таквите обиди секогаш пропаѓаат. Во случајот на Украина,  ароганцијата на американската моќ скапо ја чинеше украинската држава и народ. Ако продолжеше со истата политика, војната скапо ќе ја чинеше и Америка и светот.  Но, сегашната редистрибуција на светската моќ во три центри (Вашингтон, Пекинг и Москва) ја произведе и новата стратегија на Трамп. Во униполарниот момент американските политичари немаа конкурентска голема сила па не мораа и да размислуваат со аршините на реализмот или да си го објаснуваат натпреварот за безбедност меѓу големите сили кој, во историјата,често знаел да зврши со трагедија – светска војна. Денес,Трамп мора да размислува токму со аршините на реалистичката теорија, врз чии постулати се базира и новата американска стратегија. Мора да мисли да не дојде до взаемно уништување меѓу Америка и Русија, голема сила  која издржа најжестоки економски санкции во историјата на човештвото и победува во војната со НАТО во Украина. И како што обично прават политичарите, и Трамп прави доблест од нужност. Зашто, всушност, Атлас (Америка) е изморен и економски истоштен од обидот да го преобликува светот во ликот на либералната демократија под американска хегемонија. Затоа, со документот, американскиот претседател објави крај на борбата за демократија. Имено, повикувајќи се за развојот на трговијата, Трамп се определува за, како вели,  почитување на политичките традиции на другите земји.

Во документот, Европа го загуби значењето на прв сојузник на Америка, привилегија која траеше цели 80 години.  Во светлината на украинската војна, која ја почна неговата држава под Џозеф Бајден,  визијата на Трамп денес е да игра улога на посредник меѓу Европа и Русија.  Америка се повлекува од директното инволвирање во војната во Украина. Сега, американската стратешка цел, како и британската во деветнаесеттиот век, е ниту една сила да не завладее со Европа, играјќи ја, од дистанца, улогата на балансер. Па и да помогне во градење на нова безбедносна структура во Европа, овој пат со Русија. Очигледно, тој сака да сочува она што може да се сочува од сојузот наречен НАТО, но јасно ја исклучува Америка од конфликтот во Украина. НАТО секогаш бил Америка, но се чини не повеќе или не во толкава мерка. Трамп, во документот, ги обвинува европските политичари дека ги саботираат неговите напори за мир со Русија, наспроти желбите на населението на Европа, на  чии политички претставници од десницата им се попречува да завземат позиции на власт со ускратување на нивните слободи. Тој зборува со разбирање за обновување на старата слава на националните држави на европските големи сили но, нема симпатии за нивната сегашна наднационална структура наречена ЕУ. Ја критикува емиграциската политика на Европа и најавува нејзино „цивилзациски исчезнување“ во наредните декади…

Паѓам во искушение да истражам каде би бил тука американскиот интерес за Македонија (ако воопшто го има), и што ние би можеле да му понудиме на „трансакцискиот“американски претседател (ако воопшто имаме што),  но, засега, оставам за тоа да мислат властите во нашата држава. Сепак, еве една идеја. Со оглед на загубениот интерес на Америка за демократска трансформација на светот, па и на Македонија, можеби имаме нешто што можеме и ние да му понудиме: македонска автократија. Трамп, и онака, се чувствува најкомотно во друштво на автократи!

Back to top button
Close