Дрон погоди градинка во Судан: најмалку 50 загинати, повеќето деца

Во суданскиот регион Јужен Кордофан, во градот Калоги, детска градинка наводно била погодена во напад со дрон, при што загинале најмалку 50 луѓе, меѓу кои 33 деца. За нападот што се случил во четвртокот, медицинската организација Мрежа на судански лекари и суданската армија ги обвинуваат паравоените Сили за брза поддршка (RSF), со кои се борат во граѓанската војна, пренесува BBC. Од RSF не дале веднаш коментар. Извештаите за нападот засега не можат независно да се потврдат.
Меѓусебни обвинувања
Министерството за надворешни работи, кое е на страната на армијата, тврди дека градинката била погодена двапати со проектили. Тие додаваат дека биле нападнати и цивили и медицински работници кои притрчале да помогнат.
Од друга страна, RSF ја обвинија армијата дека во петокот со дрон нападнала пазар во регионот Дарфур, таргетирајќи магацин за гориво на граничниот премин Адре кон Чад. Тврдат дека преминот се користел за „испорака на помош и комерцијални потреби“.
Според Суданскиот воен монитор – група истражувачи кои го следат конфликтот – тој напад предизвикал цивилни жртви и значителна штета на пазарот. Армијата не ги коментирала веднаш извештаите од Дарфур.
Реакцијата на ОН: „Страшно кршење на детските права“
Реагирајќи на извештаите од Калоги, портпаролот на УНИЦЕФ изјави:
„Убивањето деца во нивното училиште е страшно кршење на детските права.“
„Децата никогаш не смеат да ја плаќаат цената на конфликтите“, додаде Шелдон Јет. Тој ги повика „сите страни веднаш да ги запрат нападите и да овозможат безбеден и непречен пристап за хуманитарна помош за оние на кои очајно им е потребна“.
Интензивирање на борбите во клучниот регион
Судан е разорен од војна од април 2023 година, кога избувна борба за власт меѓу доскорешните сојузници – армијата и RSF.
Регионoт Кордофан, сместен меѓу главниот град Картум и Дарфур, стана прва бојна линија во граѓанската војна. Битката за Кордофаните – кои имаат речиси осум милиони жители – се засилува додека армијата напредува кон Дарфур.
Извор: trn.mk






