Meta AI носи вести во реално време на Facebook, Instagram и WhatsApp

Технолошкиот гигант Meta најави потег што значително ќе го промени начинот на кој корисниците доаѓаат до информации. Според официјалното соопштение, компанијата ќе интегрира содржини од големи новински организации директно во својот AI асистент, што ќе им овозможи на милијарди корисници на Facebook, Instagram и WhatsApp пристап до информации во реално време.
Meta AI, на кориснички прашања поврзани со вести, ќе нуди најнови приказни од светот, забавата и lifestyle сегментот, потпирајќи се на партнерства со медиуми како CNN, Fox News, Le Monde, People и USA Today. Целта, велат од Meta, е да им обезбедат на корисниците „поразновидни извори на содржина“ и да им понудат линкови до веб-страниците на партнерите за подлабински увид. Со овој потег сакаат нивниот AI асистент да биде „пореспонзивен, поточен и поурамнотежен“, признавајќи дека следењето на настани во реално време е голем предизвик за сегашните AI системи.
Овој потег на Meta е дел од поширок тренд во технолошката индустрија. Компании како OpenAI со ChatGPT и Google со Gemini сè повеќе интегрираат веб-содржини и вести во живо. OpenAI веќе има договори со News Corp., The Washington Post и Axel Springer, додека Google соработува со The Associated Press. Јасно е дека трката за што посилни AI асистенти влегува во нова фаза, а пристапот до проверени и актуелни информации станува клучна предност.
Укинат Facebook News таб
И покрај новите партнерства, односот меѓу AI-компаниите и медиумската индустрија и понатаму е сложен. Во тек се неколку тужби што медиумски куќи ги покренаа против AI компаниите. Најпознат пример е тужбата на The New York Times против OpenAI, во која весникот ја обвинува фирмата за неовластено користење на нивни текстови без компензација. Скоро, The New York Times и Chicago Tribune се приклучија на тужбите против стартапот Perplexity.
Оваа најава доаѓа во момент кога Meta го редефинира својот однос со медиумите, кој со години беше турбулентен. На почетокот од 2024 година, компанијата го укина Facebook News таб во САД, Велика Британија и Франција, тврдејќи дека вестите претставуваат многу мал дел од вклученоста на корисниците. Со тоа беа прекинати и милионски вредни договори со водечки медиумски организации, што дополнително ги влоши односите. Дополнително, Марк Закерберг го укина и американскиот програм за проверка на факти (fact-checking), кој се потпираше на независни проверувачи, често од медиумски куќи, на кои Meta дотогаш им плаќаше за услугата.
Новиот заокрет кон интеграција на вести преку вештачка интелигенција доаѓа само еден ден откако акциите на Meta нагло пораснаа, поттикнати од извештај дека компанијата значително ги намалува вложувањата во виртуелна реалност за посилно да се насочи токму кон вештачката интелигенција.
Се чини дека AI е сега апсолутен приоритет, а партнерствата со медиумите се клучен дел од таа нова стратегија.
Извор: trn.mk






