Муцунски: Во ЕУ има желба да се помогне во развивање дијалог кон решение со Бугарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека во моментот не постои желба за дијалог кај Бугарија, но дека желба гледа кај Европската Унија и кај одредени земји членки да се помогне во развивање дијалог насочен кон решение. Тој посочи дека неостварена цел на земјата е полноправно членство во ЕУ, но и дека 30 години државата се соочува со непринципиелни блокади.

-Има желба кај ЕУ и кај одредени земји членки да се помогне во развивање дијалог насочен кон решение. Mожам да ги уверувам нашите граѓани дека не треба да имаат никаква грижа по однос на позициите на Владата – тие се сосема јасни и нема да прифатиме никакви отстапки што се поврзани со нашите основни идентитетски обележја – нашиот јазик и нашата историја. За жал, во овој момент не постои висок степен на желба за дијалог од страна на соседна Бугарија, но искрено се надевам дека тоа ќе се промени.

Јас јавно говорам дека штета од закочениот процес имаме секако ние како држава и мораме да најдеме начин да го откочиме тој процес, секако во рамки на нашите принципиелни позиции, но исто така штетата ја трпи и Бугарија, која губи време да има сосед којшто е поскоро земја членка на ЕУ, тоа е нивен и економски и политички и национален интерес, и верувам дека ќе постои рацио и рационалност и кај нашите соседи – рече Муцунски на Сител.

На прашањето дали власта е поблиску до реконструкција во Владата или предвремени избори, Муцунски рече дека во овој момент поблиску сме до тоа да има редовни парламентарни избори. Во однос на т.н. бомби на СДСМ со кои се обвинуваат функционери на ВМРО-ДПМНЕ за криминал, пак, тој обвини дека СДСМ подолг период покажува ширење наратив на лажни вести и дезинформации за, како што тврди тој, да ја манипулираат јавноста.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close