Украинската армија тврди дека ја вратила контролата врз северниот дел на Купјанск, Зеленски ги посети војниците во градот

Единиците на Украинската национална гарда ги потиснаа руските сили во Киндрашивка, Радкивка и делови од Северен Купјанск, со што успеаја да ги блокираат руските патишта за снабдување и значително да ја стабилизираат ситуацијата во регионот Купјанск, објави Укринформ, повикувајќи се на објава на Фејсбук.

Според соопштението, операцијата за стабилизација во регионот ја започна Групата за пребарување и удар „Повелба“, која беше создадена со одлука на Врховниот командант на вооружените сили на Украина Олександр Сирски по ескалацијата во регионот во септември.

„Нашите единици ја пробија реката Оскил, прекинувајќи го патот за снабдување на непријателот“, се додава во соопштението, истакнувајќи дека во меѓувреме, украинската војска ги одбила обидите на руските сили да ја пробијат одбраната на градот.

Борбите јужно од градот продолжуваат, но ситуацијата во областа Купјанск останува стабилна, а украинските сили постепено напредуваат, забележува Укринформ.

„Следната цел е целосно ослободување на Купјанск!“, се додава во соопштението.

Минатиот месец, руската војска објави дека целосно го освоила градот, тврдење што Киев го негираше.

Меѓутоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на платформата Х постираше изјава дадена токму од Купјанск, изнанедувајќи ја руската страна.

„Денеска – насока Купјанск, нашите војници кои постигнуваат резултати за Украина се тука. Многу Руси зборуваа за Купјанск – тоа можеме да го видиме. Бев таму, им честитав на момците. Ви благодарам на секоја единица, на сите што се борат тука, на сите што го уништуваат окупаторот“, изјави Зеленски додавајќи дека на своите војници во градот им порачал дека „денеска е исклучително важно да се постигнат резултати на фронтот за да може Украина да постигне резултати во дипломатијата. Така тоа функционира: сите наши силни позиции во земјата – за силни позиции во разговорот за завршување на војната. Ви благодарам на секој војник! Горд сум на вас! Ви благодарам на сите наши Копнени сили – денес е исклучиво ваш ден. Ви благодарам, момци.“

Back to top button
Close