Вучиќ за регионалната трка во вооружување: Хрватска е јака воена сила, но Србија знае што да прави

Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи го договорот на Хрватска со Германија за купување тенкови „Леопард“, денеска изјави дека постои општа побарувачка за оружје во регионот, Европа и светот и дека Хрватска „се вооружува со драматична брзина“.

За време на посетата на Ниш, Александар Вучиќ рече дека Србија знае што да прави за да го зачува мирот во вакви околности.

– Хрватската армија е исклучително силна и респектабилна сила во регионот, која се вооружува со драматична брзина. Не сакаме толку многу да зборуваме, но знаеме што треба да направиме за да бидеме „тврд орев“ за сите оние кои склучуваат непринципиелни воени сојузи во опкружувањето и секогаш да имаме таков вид одвраќачки ефект и акција и да го зачуваме мирот за иднината на нашите деца и еднаш засекогаш да ги прескокнеме конфликтите, изјави Вучиќ пред новинарите во Ниш.

Коментарите во Хрватска за купувањето на француските борбени авиони „Рафал“ за српските вооружени сили (ВС), Вучиќ ги оцени за „нервозни“.

– Ако некој покажува таква нервоза само за 12 авиони, тогаш разбирате што се случува во Европа и светот, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека државата ќе направи сè за да се осигури дека Војската на Србија е доволно силна и е фактор за одвраќање за секој од потенцијалните агресори, и да се зачува мирот и стабилноста во Србија.

Тој додаде дека „секој ден се набавува нешто“ и дека вчера пристигнала голема пратка, без да прецизира за каква испорака станува збор.

Вучиќ истакна дека ситуацијата во српската армија „е неспоредлива во споредба со она што беше пред 10 години“.

На прашањето дали Србија им парира на земјите во регионот во однос на оружјето, Вучиќ рече: „Ние сме далеку пред парирање, само нашите цели се повисоки од парирањето“.

– Веќе имаме неколку илјади, наскоро ќе можеме да кажеме – десетици илјади камикази дронови. И дополнително ќе го забрзаме производството тука и ќе купуваме. Ќе се обидеме да имаме повеќе од 70.000-80.000, рече Вучиќ.

Сè што може да се купи со пари ние го направивме, додаде тој, оценувајќи дека „проблемот е трката во модерното оружје и трката со персонал “ и затоа многу земји воведуваат воени рокови – „од Шведска, Германија, Хрватска и сите други“.

Back to top button
Close