(ВИДЕО) СДСМ ја претстави новата платформа против корупција – МИЦКО
Антикорупцискиот тим на СДСМ ја претставува новата дигитална платформа за борба против корупцијата и криминалот.
„Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал или скратено МИЦКО (https://micko.mk/) Платформата е посветена на истражување и архивирање јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија. Ние ги собираме, анализираме, организираме сите информации од различни извори како би обезбедиле транспарентност и информираност на граѓаните, на јавноста. Што правиме? Истражуваме случаи. Длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и останати сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции“ рече на прес конференција Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Тој рече дека „ги архивираме податоците, креираме регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, овозможувајќи лесен пристап и пребарување. Промовираме транспарентност: Делиме анализи и известувања како граѓаните но и новинарите, експертите, невладините организации можат да дадат придонес“.
„На платформата против корупцијата веќе се објавени досегашните бомби на АКТ. Случајот со една фирма со двајца вработени основана лани која добила тендери од 9 милиони евра. Случајот со фирма која добила 161 тендер вредни 5,3 милиони евра. И секако скандалот за преземањето на Алта Банка, со сомнителен капитал, кој НБРМ го дозволила под сомнителни околности. Од денеска платформата е активна и целосно оперативна, на ваше располагање“ рече Димитриевиќ и ги повика сите граѓани, невладини организации, истражувачи, новинари, медиуми, да се приклучат.
Почитувани граѓани, пријавувајте! Ние сме вашиот глас. Заедно се бориме против корупцијата и криминалот – напомена Димитриевиќ.






